Стариот мост беше урнат на 9 ноември 1993 година од проектили на Хрватскиот совет за одбрана / Photo: AA

Пред точно 20 години на денешен ден, официјално беше отворен реновираниот Стар мост во Мостар, нешто повеќе од една деценија откако ова ремек дело на отоманската архитектура од 16 век и архитектонски скапоцен камен беше урнат од проектили на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) од мостарскиот рид Хум.

Стариот мост во Мостар бил изграден во 1566 година и бил најголемата заоблена градба од тоа време во светот. Ја изградил султанот Сулејман Величествениот. Изградбата му ја доверил на османлискиот градител Мимар Хајрудин.

За време на војната во Босна и Херцеговина меѓу 1992 и 1995 година, Стариот мост беше цел на артилериски напади. Гранатините испукани од позициите на српската војска во пролетта 1992 година го оштетија лакот на мостот, додека познатата кула Чардак на неговата западна капија беше целосно изгорена.

По два дена гранатирање од позицијата на Хрватскиот совет за одбрана, Стариот мост беше урнат на 9 ноември 1993 година. Тогаш историското јадро на градот во неговата околина беше речиси целосно уништено.

Иницијативата за обнова беше покрената веднаш по завршувањето на војната од тогашниот градоначалник на Мостар, Сафет Оручевиќ. Мостот беше обновен и повторно отворен за јавноста на 23 јули 2004 година, а од 2005 година, Стариот мост е дел од Светското наследство на УНЕСКО.

Реновирањето на симболот на градот на Неретва траеше шест години.

На отворањето на обновениот Стар мост присуствуваа голем број гости од целиот свет, дури 56 странски делегации, а тогашниот претседавач на Претседателството на Босна и Херцеговина, Сулејман Тихиќ, рече дека реставрацијата е и победа за мир и соживот во Мостар и Босна и Херцеговина.

Настанот на платото под мостот го следеа повеќе од 500 акредитирани новинари.

Спектакуларната и незаборавна церемонија беше во режија на познатиот босански филмски и театарски режисер Сулејман Купусовиќ, а во организација на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Членовите на Претседателството на БиХ им доделија плакети во кулата Халебија на клучните донатори на реставрацијата на Стариот мост и на заслужните поединци во тој меѓународен проект. Плакети од Претседателството на БиХ за придонесот во обновувањето на Стариот мост беа доделени на претставници на Светска банка, Република Италија, Кралството Холандија, Банката за развој на Советот на Европа, Република Хрватска, Република Франција, Република Турција, УНЕСКО, Фондацијата Ага Кан, Истражувачкиот центар за исламска уметност и архитектура, ВМФ...

AA
Популарни