Пензиските системи во многу земји во Европа се предмет на реформи кои предизвикуваат незадоволство и штрајкови од страна на работниците и синдикатите / Photo: ТРТ Балкан

Пензиските системи во регионот и Европа се во фаза на промени. Во повеќе земји интензивно се размислува за зголемување на возраста како услов за пензионирање. Тоа предизвикува револт кај работниците и синдикатите. Во некои европски држави како во Франција ваквите реформи се причина за големи штрајкови и насилни судири со полицијата. Во продолжение ТРТ Балкан ви дава преглед на состојбата со пензиските реформи во регионот и под какви услови можете да стекнете право на пензија на Западен Балкан.

64 години за мажи, 62 за жени во Северна Македонија

Во Северна Македонија услов за стeкнување право на пензија се возраста и годините работен стаж. Мажите се пензионираат на 64, а жените на 62 години. И за мажите и за жените важи условот да имаат минимум 15 години работен стаж.

Старосната граница за заминување во пензија кај одредени категории занимања може да биде и пониска. Тие имаат бенефициран стаж и 12 месеци стаж им се пресметуваат од 13 до 18 месеци, во зависност од позицијата.

Мажите и жените ќе се изедначат во Србија во 2032 година

Во Србија во моментов мажите одат во пензија со 65, а жените со 63 години и шест месеци со минимум 15 години стаж. Мажите и жените можат да одат во пензија и ако имаат 45 години стаж без оглед на возраста.

Сепак законските услови за жените ќе се менуваат до 2032 година. До тогаш со реформата е предвидено жените и мажите да се изедначат со возраста како услов за пензија односно за сите да важи условот за наполнети 65 години. Реформата почна да се спроведува во 2015 година и до 2032 кај жените секоја година се додаваат по два месеци. И во Србија за одредени професии возраста за одење во пензија може да се намали со бенифициран стаж. Сепак старосната граница може да се намалува до 55 години или до 50 за одредени професии.

Во БиХ во пензија на 65 години

Законските услови во Босна и Херцеговина предвидуваат заминување во пензија со 65 години возраст или 20 години пензиски стаж или 40 години стаж без оглед на возраста. И во БиХ за одредени професии може да има бенефициран стаж и со тоа старосната граница за заминување во пензија да се намали. Намалувањето може да биде најмногу до 45 години.

Мажите работат две години повеќе во Црна Гора

Условот за пензија на мажите во Црна Гора е 66 години возраст и минимум 15 години стаж додека за жените 64 години и минимум 15 години стаж. Или условот за пензија ќе биде исполнет ако маж или жена во Црна Гора има 41 година стаж и 61 година возраст. Во земјата е во тек реформа според која до 2028 година за жените се предвиден бенефиции. Односно тие можат да заминат во пензија од 62 години и девет месеци во 2023 година до 63 години и девет месеци во 2028 година. За жените има поволности и во делот на заминување во пензија само со исполнет услов за стаж. Односно наместо со 41 година работен стаж, би можеле да бидат во пензија и со стаж од 37 години и три месеци.

Бенефицираниот стаж во Црна Гора предвидува пресметување од 14 до 18 месеци за одработени 12.

Се менуваат условите за пензија на жените во Албанија

Законите во Албанија во моментов предвидуваат мажите да заминат во пензија со 65, а жените со 61 година и осум месеци.

Во земјата се спроведува реформа која во 2056 година ќе треба да ги изедначи мажите и жените. Односно сите да заминуваат во пензија на 67 години. До 2056 кај жените условот за возраста секоја година се зголемува за два месеци. Кај мажите до 2033 условот од 65 години ќе остане непроменет, а потоа секоја година ќе се зголемува за еден месец.

И во Албанија минимумот работен стаж за стекнување правоо на пензија е 15 години.

Посебни категории во Косово

Во Косово условите за пензионирање на мажи и жени се исти. Тие можат да се пензионираат со 65 годишна возраст. Во Косово постојат и неколку категории на лица со бенефиции во пензиите. Делумно поради воени или социјални причини предизвикани од воениот конфликт во 1999. Една категорија прима по 80 евра месечно до одредена возраст. Посебна категорија се и околу 3200 работници од рудникот во Трепча, воените ветерани како и луѓе од 65 години кои ќе докажат дека плаќале минимум 15 години придонеси во претходниот систем.

Какви се условите во Европа и САД?

За разлика од Балканот во дел од останатите европски земји старосната граница за пензија, според Евростат, се движи меѓу 62 години во Франција и 66 години и 10 месеци во Холандија. Токму зголемувањето на старосната граница за пензија од 62 на 64 години е причина за големи протести во Франција.

Околу 66 години се движи условот во Шпанија, Германија, Велика Британија. Старосната граница во Шведска е 63 години, во Швајцарија 64 односно 65, како и во Белгија. И во Канада условот за пензија се 65 години додека во САД 66 години и четири месеци.

TRT Balkan
Популарни