Надворешниот јавен долг продолжува значително да расте во земјите од Западен Балкан.

Надворешниот јавен долг продолжува значително да расте во земјите од Западен Балкан. Податоците за оваа година покажуваат натамошно зголемување на обврските кон надворешните кредитори. Надворешниот долг е дел од долгот на земјата позајмен од странски заемодавци, вклучувајќи комерцијални банки, влади или меѓународни финансиски институции. ТРТ Балкан го анализираше надворешниот долг на земјите од Западен Балкан за 2022 година, врз основа на официјалните бројки на домашните институции, Централните банки и министерствата за финансии.

Црна Гора и Северна Македонија со критични бројки

Од целиот регион, најкритична е состојбата во Црна Гора и во Северна Македонија, во однос на нивото на надворешниот долг во однос на Бруто домашниот производ. Надворешниот долг на Црна Гора е 68,4 отсто, покажуваат официјалните податоци од Подгорица, надминувајќи го нивото од 60 отсто што се смета за критично ниво според меѓународните стандарди.

Северна Македонија, пак, е многу блиску до ова ниво, при што надворешниот долг достигнува 58,3 отсто од Бруто домашниот производ.

Косово и Босна и Херцеговина со помал долг

Надворешен долг на државите од Западен Балкан                                                  Илустрација: ТРТ Балкан Others

Од сите држави во регионот, Косово има најмал надворешен долг, покажуваат податоците на Министерството за финансии на Косово. Со 580 милиони евра надворешни обврски, Косово е единствена земја која не надминува ни 1 милијарда евра надворешен долг во регионот, додека овој долг сочинува околу 6,87% од косовскиот БДП.

Босна и Херцеговина, исто така, има прилично ниско ниво на надворешен долг, околу 22,2% од нивниот БДП.

Албанија има надворешен државен долг кој достигнува 34,1 отсто од БДП, додека надворешниот долг на Србија надминува 20 милијарди евра, што е 34,5 отсто од нејзиниот БДП.

Многу поголем вкупен долг

Вкупниот долг на земјите од Западен Балкан е многу поголем од тоа, ако се вклучат и обврските кон внатрешните кредитори. На пример, вкупниот долг на Црна Гора, како земја со најмногу долгови во регионот, достигнува 75% од БДП. Долгот на Србија и Албанија е исто така двојно поголем, ако се брои вкупно.

Додека долгот на Косово тројно се зголемува и достигнува ниво од 20,48% од БДП доколку се вклучи и внатрешниот долг. Сепак, и со овие параметри, Косово останува со најнизок јавен долг во регионот.

TRT Balkan
Популарни