Движењето на пловилата во текот на летната сезона во близина на крајбрежјето претставува ризик за многу посетители. Сѐ погласни се апелите опасните маневри со глисери и скутери на вода недалеку од плажите да се стават под контрола.
Оние што одмараат на Јадранското Море, без разлика дали се во Хрватска, Црна Гора или Албанија, секоја година се жалат на несоодветното однесување на возачите на глисерите и на скутерите на вода. Ситуацијата не е подобра ниту во делот на Јонското Море, на југот на Албанија.
На некои од плажите на крајбрежјето е забележано и отсуство на сигнални пловки.
Тивко лето во Црна Гора
За разлика од минатите години кога на плажите во Црна Гора се забележуваа разни инциденти со глисери, годинава, за среќа, не се забележани такви инциденти.
Врз основа на црногорските законски одредби, бродовите, јахтите и глисерите мора да останат на растојание од најмалку 300 метри од крајбрежјето. Додека пак, што се однесува до скутерите на вода, нивното движење мора да биде на оддалеченост од 200 метри од плажите.
Инцидент на плажата во Пула
Изнајмувањето глисер не е секогаш најдобра опција за крстарење по море. Ова е особено точно ако немате соодветно искуство.
Во јуни годинава, глисер со туристи во Пула, Хрватска, удри пливач додека уживал во убавините на морето. Според хрватските власти, казната за непочитување на растојанието на плажите чини 400 евра
Хрватското законодавство предвидува дека бродовите мора да сообраќаат на 300 метри од крајбрежјето.
Во текот на летово, според пишувањата на хрватските медиуми, на плажите се забележани помалку инциденти од ваков карактер.
Химара обвиена во тага
Слично како и во Хрватска, возачите на глисери во Албанија мора да го почитуваат правилото на оддалеченост од најмалку 300 метри од крајбрежјето. Но, оваа одредба не се почитува на плажите во Албанија.
Смртта на 7-годишното девојче на плажата на Химара, град и општина во јужна Албанија, во округот Валона, од страна на полицаец кој возел глисер, ја потврди тешката состојба која владее подолго време на албанското крајбрежје. Во знак на револт за актуелната состојба на албанското крајбрежје, граѓанското општество најави протести во Тирана.