Опозициските републички и покраински пратеници и советници трет ден по ред повторно го блокираа влезот на зградата на судот и Обвинителството во Нови Сад и повторно се судрија со полициските сили кои ги чекаа утрово пред влезната врата на Палатата на правдата во Нови Сад.
Избраните опозициски претставници од локалното, покраинското и Собранието на Србија се обидоа да ги потиснат полицајците кон влезната врата, па интервенираше и единицата на Жандармеријата и притоа е оштетена влезната врата и оградата на скалите пред зградата на судот. Како што неофицијално дознаваме, по метежот, полицајци во цивилна облека издвоиле и привеле постар маж од Нови Сад, бидејќи за време на метежот пред влезот на судот испрскал полицаец со бибер-спреј. Наводно, одредена му е мерка притвор до 48 часа за напад на службено лице при вршење на службена должност, што според законот се третира како кривично дело. Во вторникот опозициските советници и пратеници почнаа со протестни блокади пред зградата во која се наоѓаат судовите и Обвинителството, незадоволни од работата на судството по уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, во кое животот го загубија 15 лица, а двајца се тешко повредени. Опозицијата бара ослободување на сите приведени активисти и политичари по граѓанските протести во Нови Сад на 5 ноември, и идентификување и процесуирање на сите одговорни за уривањето на натстрешницата на зградата на Железничката станица на 1 ноември. Без оглед на утринските информации за првите апсења на осомничените за падот на натстрешницата на железничката станица, опозиционерите најавуваат продолжување на блокадите и протестите пред зградата на правосудните органи сѐ додека сите приведени по граѓанските протести не бидат ослободени од притвор. Поради блокадите и денеска работата на судот беше парализирана, бидејќи дел од вработените, како и адвокатите и странките во судските постапки не можеа да влезат во зградата.