Палевски, кој е обвинет дека ги организирал и извршил убиствата, денеска не беше спроведен во судот

Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски се одложи за 20 септември откако Судечкиот совет при Основен кривичен суд Скопје денеска донесе одлука за спојување на судските постапки против петмината обвинети.

Таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски како и Влатко Кешишов, Велибор Манев, Боре Видевски обвинети за помагање за грозоморните убиства денеска беа спроведни во скопскиот Кривичен суд каде седнаа на обвинителна клупа.

Но само што почна судењето за овој случај, веднаш се одложи за 20 септември поради тоа што судот денеска одлучи да го прифати барањето на обвинителството за спојување на постапките за обвинетите, откако Кривичниот Суд вчера го одобри во целост обвинителниот акт за првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо.

Тој е обвинет дека ги организирал и извршил двете убиства. Поради тоа во судот денеска не беше спроведен Палевски.

За него истрагата почна подоцна затоа што се чекаше да биде екстрадиран од Туркије, каде што беше уапсен откако избега од државава.

Кешишов, Манев и Видевски се товарат за кривични дела убиство и грабнување, додека Ѓорчевски, таткото на Вања се товари за кривично дело помагање при грабнување, бидејќи според обвинението, им дал упатства на киднаперите за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште.

Според обвинението, Кешишов, Манев и Видевски заедно со Палевски го планирале киднапирањето на Вања за да принудат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откупот.

Четворицата на 22 ноември лани, заедно го грабнале Жежовски во Велес со намера да го присилат да им го даде неговото возило, за да го користат за грабнување на Вања во Скопје.

Обвинетите отишле до неговата куќа го врзале и во багажник од автомобил го пренеле до местото Рудник во околоната на Велес, каде го убиле.

Пет дена подоцна, обвинетите потпомогнати од таткото на девојчето, ја грабнале Вања од влезот на нејзината зграда и врзана ја однеле во близина на местото викано Дупки во атарот на селото Бразда, каде на свиреп начин ја убиле.

TRT Balkan / агенции
Популарни