На протестот се појавија и советникот Миша Бачулов и поранешниот потпретседател на Покраинската влада Горан Јешиќ, кои беа приведени по протестот на 5 ноември / Photo: AA

Опозициските пратеници и советниците денеска повторно го блокираа влезот на судот и обвинителството во „Палатата на правдата“ во Нови Сад, при што се судрија со припадниците на Жандармеријата, кои ги оттурнаа со цел дел од вработените да влезат на работните места.

Претставниците на опозицијата се незадоволни од работата на судот и обвинителството, бидејќи дел од активистите уапсени по протестот на 5 ноември, организиран поради падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад при што загинаа 15 лица, сѐ уште се во притвор.

Тие се незадоволни и од непокренувањето истрага против одговорните за претепувањето на 74-годишниот Илија Костиќ, кој минатата недела на протестот пред судот ги испрска полицајците со бибер спреј, а потоа беше приведен и претепан. Поради добиените повреди му бил ампутиран еден тестис во Клиничкиот центар во Војводина.

За разлика од претходните блокади на зградата каде се наоѓаат правосудните органи, претставниците на опозицијата утринава ги пречека ограда пред судот, но пратениците и советниците застанаа пред оградата и не ги пуштија вработените.

Тогаш интервенирала Жандармеријата и ги оттурнала учесниците во блокадата на споредниот влез за дел од вработените да влезат во зградата на судот и обвинителството.

На протестот, меѓу другите, се појавија и советникот на градското собрание Миша Бачулов и поранешниот потпретседател на Покраинската влада на Војводина Горан Јешиќ, кои беа приведени по протестот на 5 ноември и ослободени од притвор на крајот на минатата недела.

Како што е најавено, блокадата на судот и обвинителството ќе трае до 14 часот.

TRT Balkan / агенции
Популарни