Косово е силно посветено на европските вредности, рече Османи / Photo: AA

Претседателката на Косово Вјоса Османи вчера се сретна со Дора Бакојани, известувач на Комисијата за политички прашања на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за барањето на Косово за членство во Советот на Европа.

Османи оцени дека членството на Косово во Советот на Европа не е само приоритет на Република Косово, туку и неопходно за заштита на човековите права и благосостојбата на сите граѓани, без разлика, соопшти Претседателството на Косово.

Според Османи, Косово во својот Устав ја вградило Европската конвенција за заштита на човековите права и другите меѓународни документи, обезбедувајќи ги правата на сите граѓани, вклучително и немнозинските заедници, владеењето на правото и демократското владеење, што е докажано од неколку меѓународните организации.

„Косово е посветено на исполнување на сите стандарди за членство во Советот на Европа. Уставот на Косово веќе ги има вградено клучните конвенции на Советот на Европа, што ги прави применливи на Косово. Во овој дух, Косово е силно посветено на европските вредности, вклучително и демократијата, човековите права и владеењето на правото“, истакна претседателката.

Таа нагласи дека Косово очекува расправата и гласањето за „Мислењето за апликација за Косово“, кое ќе го подготви Бакојани, да се одржи што е можно поскоро за да се пристапи кон формалното гласање за членство во Комитетот на министри.

„Следната година Советот на Европа ќе прослави 75 години од своето формирање. Затоа, би било многу симболично доколку Советот на Европа, како главна организација за човекови права на нашиот континент, ја отвори вратата на една демократска земја која претендира да се приклучи на семејството на вредности“, рече Османи.

Бакојани ја примија и премиерот на Косово Албин Курти и заменик министерот за надворешни работи и дијаспора Крешник Ахмети.

Косово во мај минатата година поднесе официјална апликација за членство во Советот на Европа, додека во април годинава ја мина првата фаза од постапката кога Комитетот на министри на Советот на Европа одлучи да го проследи барањето за членство на Косово до Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Следниот чекор е подготовка на мислење за членството на Косово, кое се испраќа до Комитетот на министри, кој потоа ја носи конечната одлука за членство.

За прием во членството на Советот на Европа е потребно двотретинско мнозинство од земјите-членки.

Откако Русија се повлече за да избегне протерување од меѓународната организација откако воено ја нападна Украина, Косово одлучи да поднесе барање за членство.

AA
Популарни