Османи: Евентуално одложување на изборите на Косово само со консензус        Фото: Ројтерс

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска изјави дека одлуката за евентуалното одложување на вонредните избори во општините на северот на Косово поради безбедносната ситуација, ќе биде донесена по добиени информации од надлежните институции и по постигнување политички консензус.

Османи рече дека од институциите барала дневни извештаи за безбедноста на северот и дека состојбата ќе се расчисти во наредните два до три дена. Таа нагласи дека доколку има барање за одложување на изборите ќе се консултира со претставници на политичките партии.

„Доколку има такви барања откако проценката на безбедносните институции ќе биде испратена до ЦИК, јас како претседател секако ќе дадам своја оценка и ќе ја споделам со политичките партии, но секако мора да има политички консензус, не целосно едногласност, но консензус. Доколку има консензус на мнозинството партии кои учествуваат во политичките консултации, тогаш тоа ќе биде заедничка одлука“, нагласи Османи.

Зборувајќи за инцидентите што се случија оваа недела на северот на Косово, каде живеат мнозинство Срби, Османи оцени дека биле поттикнати од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој продолжува да финансира и поддржува нелегални структури претворени во криминални банди кои ги тероризираат граѓаните на север и се обидуваат да ги испровоцираат безбедносните институции.

„Она што треба да го направат косовските институции е да ги зголемат своите капацитети, напори, организација и координација за да го заштитат секој граѓанин што живее на северот на земјата, без разлика на етничката припадност или потеклото. Животот на нашите граѓани е пред се, тоа треба да ни биде приоритет, односно нивната заштита од овие криминални групи за кои се знае дека ги води Србија“, нагласи Османи.

Османи рече дека Србија има тенденција да создава нови кризи кои потоа ќе ја запрат дискусијата во Брисел за француско-германскиот предлог поддржан од Соединетите Американски Држави, а посочи дека овој метод е една од старите стратегии на Србија.

Во Зубин Поток и Северна Митровица во вторникот, со шок-бомби и истрели во воздух биле нападнати општинските изборни службеници и полицајци, кои се обидувале да ги отворат канцелариите на општинските изборни комисии, соопшти косовската полиција. Како резултат на тоа, тие не можеа да го продолжат подготвителниот процес за предвремени избори на северот.

Вонредните избори за градоначалници на четири општини на северот на Косово, со мнозинско српско население: Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, беа распишани за 18 декември, откако српските претставници ги напуштија косовските институции поради одлуката за табличките.

Во меѓувреме за 25 декември се распишани предвремени избори за собранијата на општините Звечан и Лепосавиќ. Распуштањето на тие собранија на општините се случи откако советниците од тие собранија на општините поднесоа оставки.

AA
Популарни