Двајцата лидери потврдија дека постои потенцијал за продлабочување на соработката / Photo: AA

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој престојува во официјална посета на Приштина, оствари средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Кабинетот на косовската претседателка објави соопштение во врска со средбата.

На средбата со својот колега, Османи ја потврди заложбата за продолжување на одличните односи со Северна Македонија, подвлекувајќи дека Албанците во Северна Македонија „се врзувачки мост меѓу двете држави и столб на стабилноста, но и на евроинтегративниот процес на Северна Македонија“.

Османи му се заблагодари на Пендаровски за неговата лична посветеност на одличните односи меѓу Косово и Северна Македонија, при што истакнала дека двете земји имаат заедничка визија за стабилен Западен Балкан и за Западен Балкан интегриран во ЕУ.

Таа нагласи дека со поддршка од пријателските земји како Северна Македонија, Косово може да напредува на патот на европската интеграција.

Во овој контекст, Османи истакна дека членството на нејзината земја во Советот на Европа е во функција на заштитата на човековите права на сите граѓани на Косово.

Според Османи, Косово покажа сериозна посветеност во процесот на радикални реформи и затоа заслужува да добие статус на земја кандидат во ЕУ. Како што рече Османи, Северна Македонија не е само сосед на Косово туку и партнер во многу процеси.

„Процесот на евроинтеграции е приоритет што нѐ обединува и на овој пат ќе продолжиме да си помагаме“, нагласи Османи.

Според Османи, вклучувањето на Косово во Партнерство за мир, а потоа и во НАТО има стратегиско значење и е гаранција за стабилноста не само на Косово туку и на регионот.

Двајцата лидери потврдија дека постои потенцијал за продлабочување на соработката во областа на трговијата, културната размена, здравството, образованието, земјоделството, туризмот, информатичката технологија и други области од заеднички интерес.

AA
Популарни