Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека осум лица загинале во несреќата предизвикана од уривањето на настрешницата на старата зграда на Железничката станица во Нови Сад.
Дачиќ рече дека две лица се во болница и дека едно од нив е во тешка состојба, со оглед на тоа дека на тоа лице му биле ампутирани двете нозе.
Тој наведува и дека спасувачките екипи се во контакт со две лица кои се уште се под урнатините и дека работат на нивно извлекување живи.
Според него, под урнатините има и четиринаесетгодишно девојче.
Дачиќ додаде дека акцијата за спасување е во тек, а во неа со помош на тешка механизација учествуваат околу 80 спасувачи од повеќе градови.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ изрази сочувство до семејствата на жртвите.
„Без разлика што се работи за зграда која е изградена во 1964 година, ќе инсистираме да се пронајдат одговорните и да одговараат оние кои морале да се грижат за состојбата на конструкцијата, односно зградата и кои морале да ги предупредат надлежните дека некои работи мора да се поправат или коригираат“, рече тој.
Генералниот директор на Институтот за сообраќај ЦИП, Славен Тица изјави дека настрешницата на железничката станица во Нови Сад, која се урна денеска, не е предмет на техничка документација за реконструкција на зградата на станицата и дека комплетната процедура во проектна смисла била апсолутно испочитувана за целиот објект.
Тој за Танјуг изјави дека врз основа на достапните информации и фотографии од местото на настанот, се гледа дека целата конструкција попуштила, но дека сѐ уште не може да се утврди причината поради која тоа се случило.