Западен Балкан и натаму нема задолжително селектирање отпад за домаќинства     Фото: Reuters

Додека земјите од регионот се мачат да стигнат до 100% стапка на собран отпад од домаќинствата и приватниот сектор, во поразвиените земји се зголемува бројот на задолжителни видови на селекција на отпад за рециклирање.

Во повеќе ЕУ членки, селектирањето отпад од страна на домаќинствата е задолжително. Тие се задолжени да го одвојат отпадот од хартија, пластика, стакло, но и органскиот отпад во посебни садови кои потоа се собираат во центрите за рециклирање.

Во регионот речиси и да нема законски обврски за домаќинствата, освен за приватниот сектор каде се наметнати одредени правила. Но, ако погледнеме во непосредното опкружување, како на пример во Хрватска, која подолго време е членка на ЕУ, можни се промени, пред се во свеста на луѓето, а потоа и на ниво на регулатива.

Претпријатието за комунална хигиена на Загреб на граѓаните започна да им доделува пластични биоразградливи кеси за селекција на пластичен и метален отпад од амбалажа и пакување, како и кафени кеси за собирање на био-отпадот.

Количините кои им се доделени се проценува дека треба да им траат околу една година за селектирање и одложување на комуналниот отпад на домаќинствата.

Се селектира стакло и пластика, но не и органски отпад

Македонските домаќинства немаат обврска да селектираат отпад, но досега функционираа неколку неформални системи. Од една страна тука се компаниите за рециклирање кои поставуваат специјални контејнери за селектирање, претежно во урбаните центри.

Граѓаните може да користат и мобилна апликација за да ги лоцираат најблиските контејнери за стакло, пластика и хартија, како и електронски отпад во нивната населба.

Присутни се и неформалните собирачи на отпад, па така често во населбите каде нема специјални контејнери, вообичаено пластичните шишиња се оставаат пред дворот.

Во минатото беа направени повеќе обиди за неформалните собирачи да станат дел од системот, да добијат соодветна обука и свое возило но, повеќето од нив не продолжија по завршување на фазата на финансирање од странските донаторски организации.

Во Скопје веќе се размислува за отворање на голема компостара која ќе го собира органскиот отпад од сите десет скопски општини, во соработка со Јавното комунално претпријатие, Градот Скопје и социјалното претпријатие „Мама Органа“. Од преработениот био-отпад потоа Мама Органа создава биохумус, а за продажбата ангажира самохрани мајки.

Рецептот за селектирање отпад преку јавно-приватно партнерство или пак, преку формирање социјално претпријатие засега е во рана фаза на планирање и за органскиот отпад во преспанскиот крај со отпадот од производство на јаболко, и во Повардарието со органски отпад од производство на грозје.

Комуналниот отпад голем загадувач на Западен Балкан

Најголемиот дел од комуналниот отпад кој се собира од домаќинствата завршува на депонии и тоа повеќето од нив се без никакви стандарди за управување со отпад, па затоа ризикот од загадување е огромен, проценува Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во сеопфатниот извештај „Општинско управување со отпадот во Западен Балкан“

Со слични проблеми се соочува и Албанија, каде околу 70% од населението добива услуги за собирање на отпад, претежно во урбаните области.

„Албанија има прилично ниска стапка на рециклирање, што резултира со неформални собирачи на отпад што го собираат отпадот од депонии и канти. Одделното собирање за рециклирање не е вообичаено и нема јасни механизми за спроведување кои поддржуваат одделно собирање и рециклирање“, стои во извештајот на ЕЕА.

На Косово и натаму му недостасува поголемо усогласување со европското законодавство, што во изминатите години доведе до серија на негативни појави како на пример нови диви депонии и загадување со пластика на речните корита.

„Досега, недостатокот на организација и систем за класификација за сепарација на отпадот го зафати пристапот на децентрализација на Косово за промена на ситуацијата на теренот. Континуираното одложување на интервенциите ги спои не само значајните прашања, туку покажа и широко распространета политичка неодговорност, неправилности на граѓаните и пропуштени можности за инвестирање во инфраструктурата и вештините“, стои во анализата „Косовското (погрешно) управување со отпадот: Од неуспеси до алтернативи“ на Хајнрих Штифунг Бол.

Препораките за земјите од регионот се да вложат во центри за третирање отпад со високосовремени депонии, како и да ги поддржат бизнис иницијативите за креирање центри за рециклирање отпад, потоа поддршка за компостари и био-гасни централи кои од отпадот може да создаваат и електрична енергија.

Принципот на „загадувачот плаќа“ значи дека треба да се промени и законската рамка која се повеќе треба да се усогласува со европската, но и да се водат јавни и едукативни кампањи за подигнување на свеста кај граѓаните, компаниите и институциите.

TRT Balkan / агенции
Популарни