Отворени џамија и Исламскиот културен центар „Реџеп Таип Ердоган“ во Сисак

„Драго ми е што заедно го завршивме овој драгоцен проект кој е знак на нашето пријателство и братство. Верувам дека овој центар ќе биде една од главните адреси на средби и дружења во градот каде времето ќе го поминуваат и нашите пријатели од другите вери“, рече претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган во обраќањето на церемонијата на отворањето на Исламскиот културен центар во хрватскиот град Сисак.

На програмата на отворањето присуствуваа претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ, претседателот на Мешихатот на Исламската заедница (ИЗ) во Хрватска загрепскиот муфтија Азиз Хасановиќ, реисул-улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина Хусеин Кавазовиќ и делегации на неколку земји, вклучувајќи ја Туркије.

Ердоган на самиот почеток изрази благодарност до претседателот на Хрватска, претседателот на Мешихатот на Исламската заедница (ИЗ) во Хрватска и до сите луѓе во Хрватска што на комплексот во Сисак му го дале неговото име.

„Му благодарам на драгиот Бог што заедно го завршивме овој драгоцен проект кој е знак на нашето пријателство и братство. Верувам дека овој центар ќе биде една од главните адреси на средби и дружења во градот каде времето ќе го поминуваат и нашите пријатели од другите вери. Верувам исто така дека центарот со својата величенствена архитектура ќе придонесе за убавината на градот Сисак. Уште еднаш сакам ова вредно дело да биде од корист на нашите пријатели и за сите нас“, рече Ердоган.

Тој потсети дека пред шест години престојувал во посета на Хрватска по повод одбележувањето на 100 годишнината од прогласувањето на исламот за рамноправна религија во земјата.

„Тогаш од Загреб до цела Европа и светот испративме пораки против дискриминацијата, нетолеранцијата, исламофобијата и ксенофобијата. Денес од Хрватска, овој пат, од градот Сисак, испраќаме топли пораки за пријателство, братство, мир и соживот и секако тоа не е случајно. Хрватска е пример на држава во Европа по слободата, благосостојбата и почитувањето на правата на муслиманите“, рече Ердоган.

Тој нагласи дека Туркије никогаш не ги заборавила браќата и пријателите во овој регион со кој, како што рече, споделува заедничко минато и поседува силни човечки и културни врски.

„Во нашите срца никогаш не го издвојувавме Сисак од Амасја, Загреб од Анкара, Сараево од Истанбул или Мостар од Ризе. Секогаш се радувавме на среќните моменти на нашите пријатели, а нивната болка ја доживувавме како сопствена“, рече турскиот претседател и потсети на силната солидарност која меѓусебно ја искажуваа досега:

„По земјотресот кој се случи на подрачјето на Сисачко-мославачката жупанија со сите средства настојувавме да застанеме покрај Владата на Хрватска и нејзините граѓани. Нашите пријатели од Хрватска исто така секогаш беа покрај нас кога и кај нас се случуваше некоја катастрофа. Сигурен сум дека соработката ќе продолжи и во наредниот период.“

Отворени џамија и Исламскиот културен центар „Реџеп Таип Ердоган“ во Сисак AA

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ изјави дека Исламскиот културен центар во Сисак го гледа како мост кој ги поврзува луѓето од Хрватска и Босна и Херцеговина.

Милановиќ рече дека Исламскиот културен центар е уште еден чекор во изградба на културата на дијалог, мирот, разбирањето и пријателството помеѓу народите и религиите.

„Тука во стариот хрватски град Сисак, каде пред многу векови се вкрстуваа патиштата и мечевите на големите светски сили, на религиите христијанството и исламот, денес владее мир, пријателство и денес отвораме еден споменик на културата, споменик на модерноста, споменик на исламската заедница и модерната Хрватска, на една отворена, демократска земја, отворена за сите луѓе со добра волја, од сите вери и здрави светогледи“, рече Милановиќ.

Претседателот на Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска, муфтијата загрепски Хасановиќ на турскиот претседател Ердоган му врачи повелба на Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска, како највисоко признание на оваа заедница.

Во Сисак, градот со нешто повеќе од 40.000 жители сместен југоисточно од главниот град Загреб, денес официјално е отворен Исламскиот културен центар во чии рамки се наоѓа и џамија.

AA
Популарни