ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за Митрески, а Пратениците од Европскиот сојуз ја бојкотираа седницата / Photo: MИА

Собранието денеска со 64 гласови „за“ и 40 „против“ го избра Јован Митрески за претседател на Собранието.

Митрески, кој беше досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ, ќе биде претседател на Собранието до изборот на нов состав на Парламентот по изборите на 8 мај, и откако неговиот претходник Талат Џафери беше предложен за мандатар на техничката влада, која треба да биде избрана во недела на 28 јануари.

„Како секој пратеник, така и за мене изборот за претседател е голема чест, но пред сѐ одговорноста е уште поголема. Во таа насока ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието, секако во согласност со Уставот, со Деловникот, со законската регулатива, но пред се во интерес на граѓаните и државата, рече Митрески.

Изрази верување дека заеднички ќе продолжиме да ја јакнеме демократијата бидејќи за млади демократии како нашата тоа е важно да го правиме секој ден.

„Останувам отворен за соработка со сите пратенички групи, се додека гледам, мислам и чуствувам дека тоа што се прави од спротивната страна е во интерес на граѓаните и државата, затоа што интересот на граѓаните и на државата е врвен интерес на сите нас“, рече Митрески.

Во расправата по предлогот зборуваа координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Димитар Апасиев од Левица. Пратениците од Европскиот сојуз на промени не присуствуваа на седницата за избор поради бојкот.

„Фактот што зад Митрески застанале пратеници од најголемиот број парламентарни партии во Собранието зборува не само за кохезивниот потенцијал на Митрески, туку и за довербата што пратениците ја имаат во него и неговото искуство да ја преземе функцијата без никаков проблем, изјави Мартин Костовски од СДСМ.

Според него, Митрески е човек кој целата своја енергија ја дава за подобар развој и подобра иднина на државата, за пратеник во Собранието од редовите на СДСМ е избран во 2014 година, и во многу наврати, како што рече, го покажал својот одговорен пристап во вршењето на функцијата пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми изрази уверување дека со изборот на Јован Митрески за претседател, Собранието ќе продолжи да работи во согаласност со европски принципи и стандарди, правилата и процедурите предвидени во Уставот, во Деловникот за работа и законската регулатива, но и во интерес на граѓаните на РСМ.

ВМРО-ДПМНЕ не гласаше Јован Митрески од СДСМ да биде претседател на Собранието до одржувањето на изборите.

Координаторот на опозициската партија Никола Мицевски соопшти дека Митрески не може да го поправи она што се случувало во изминатите шест години во законодавниот дом затоа што и тој, како што рече, директно или индиректно бил учесник во настаните во кои наместо интересите на граѓаните, во прв план биле личните интереси и партиските пазари.

„Во овој мандат видовме се и сешто, но не и европско собрание. Деловникот на Собранието како никогаш досега беше погазуван и непочитуван и речиси немаше вредност и тежина, со негова селективна примена. Кршење на Етички кодекс на пратениците, среде Собранието беше погазуван и Уставот. Во овој мандат се прифатени само три од 60 предлог-закони што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Првпат во историјата на Собранието се заклучуваа вратите во пленарната сала и се ограни слободното движење на пратениците зашто владејачкото мнозинство не можело да обезбеди кворум и првпат имаше судска пресуда за опозициски пратеник за искажан збор од собраниска говорница, рече Мицевски.

Димитар Апасиев од Левица, наместо излагање изрецитира песна со порака до новоизбраниот Митрески, напишана на струшки дијалект во што му помогнале сограѓаните на новиот претседател.

TRT Balkan / агенции
Популарни