Како и Палевски и другите обвинети негираа вина за убиствата на Палчо и Вања

Љупчо Палевски Палчо, првообвинет за убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, денеска во Основниот кривичен суд изјави дека не е виновен и дека Основното јавно обвинителство со прогонот против него извршува политичка наредба.

Десет месеци по грозоморните убиства во Кривичниот суд во Скопје конечно почна судењето за, според обвинителството, едно од најтешките кривично правни настани во државата и случај кој привлече големо внимание и во регионот.

Пред почетокот на судењето Обвинителството побара јавноста да биде исклучена од целата расправа заради заштита на приватноста на мајката и сестрата на Вања, но судијата Ивица Стефановски го отфрли барањето, на кое се спротиставија и обвинетите.

Освен Палевски, и другите четворица обвинети, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски рекоа дека разбираат за што се обвинети, но негираат вина.

ЈО: Добро планирано и разработено злосторство

Според обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, се работи за настани кои претходно до детал биле планирани и разработени, а обвинетите добро се познавале.

Обвинентите одлучиле со автомобилот „Цитроен“ на Жежовски да го реализираат грабнувањето на Вања. Намерата била да присилат некој од блиските да даде пари за нејзин откуп.

Сигурни биле дека Вања секој петок оди сама на училиште, а сестра и Мина оди од втор час и за тоа решиле во петокот на 24 ноември да ја грабнат. Задоцниле поради густиот сообраќај и не го реализирале планираното. Во неделата вечер знаеле дека Вања ќе оди сама во понеделникот бидејќи, тоа им го кажал таткото на девојчето.

„Околу 9.30 часот Палевски, Манев, Видевски и Кешишов, на свиреп начин, со умисла, го лишиле од живот оштетеното дете Вања Ѓорчевска-изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет“- рече Крстевска Јосифовска.

Со пиштол со калибар од 9 милиметри и преку перниче кое го нашол на местото на убиството Палевски пукал во главата на Вања по што ја ставиле во дупка, која претходно била ископана и ја закопале, по што го запалиле „цитроенот’.

Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен од рбетот.

„Не покажале каење бидејќи биле убедени дека нема да ги откријат и никој не пријавил. Кога Палевски на 30 ноември претпоставил дека ќе биде фатен, избегал за Белград па за Турција од каде беше екстрадиран. Ќе докажеме дека обвинетите имале меѓусебна комуникација, дека се планирале, се подготвувале за секое дејствиеи имале умисла. Додека ги извршувале дејствата не ги носеле мобилните со себе. Ќе докажеме и дека таткото помагал за тоа кое време и кој ден Вања ќе излезе сама“, рече обвинителката.

Палевски: И таткото е жртва, не го познавам

Палевски, пак, негираше дека е виновен, го оспори мотивот за убиството и рече дека не бегал.

„Барав во рок од 30 дена да ми ги дадат доказите, не добив никаков одговор. Овој родител, наместо да плаче по своето дете, од полицијата е наместен за да се изготви лажен мотив и врска меѓу мене и него. Јас не го познавам Александар. Ова е политичко монтирано судење. Регуларно заминав за да направам магнетна резонанца на мојата кичма која 70 отсто не е во функција. Не сум бегал, легално ја поминав границата. Во тој момент не бев ни осомничен. На 20 мај мојата ДНК е внесена во системот… Повеќе од 100 ДНК траги од овој настан се ставени како докази. Мене на 17 мај ми зедоа брис за ДНК“, рече Палевски.

Тој вели дека во ЈО знаат дека немал контакти со таткото Александар Ѓорчевски.

„Сето ова е според лажен исказ на еден од обвинетите, кој сака да избегне доживотен затвор. Едвај најдов адвокат. Сите видеа и слики по порталите излегоа од ЈО и оттаму погрешно ги брифираа сите медиуми. Тогаш ЈО не се секираше за душевната состојба на мајката на Вања. Само лупаа по медиуми, овој на камери личи на Палчо… Вештачењето докажа дека јас и Александар немаме комуникации. Затоа и побараа исклучување на јавноста. Ова е обвинителско насилие со укинување на сите мои права. Судијата на претходна постапка беше во улога на поштар, не ги штитеше моите права и не ми помогна да составам одбрана“, рече Палевски.

Кој е мотивот?

Според него, мајката на Вања, Зорица имало орочени 30.000 евра, а дека дупката во која била закопана Вања била ископана претходно, што значи дека не била грабната Вања за да се бара откуп, туку за да биде убиена.

„Мотивот е вештачки. Затоа е вмешан и таткото Александар. Таткото за прв пат станал дел од истрагата по исказ на еден од обвинетите. Никој не праша „каде сте требале да го чувате детето додека чекате откуп“?. Нема повик од никој кој од мајката бара откуп. Дупката е претходно копана, значи, за да биде убиена, не за да се бара откуп. Самото ЈО пишува дека дупката е претходно ископана. Обвинителот не говори вистина. Ерол Османи е еден сведок, кого го кријат во списите. На 22 ноември (кога е убиен Панче Жежовски, н.з.) му поправав котел. ЈО го крие моето утврдено движење според базните станици на денот на убиството на Вања, не ми го даде. ЈО го става судот пред свршен чин, се злоупотребуваат доказите кои се во моја корист, во спротивна насока, против мене – рече Палевски во неговото прво обраќање пред судот.

Таткото на Вања тврди дека е жртва

Александар Ѓорчевски во судницата тврдеше дека ќе се смири само кога целата вистина ќе излезе на виделина. Негира вина, но и се понуди да се стави на располагање за да се разреши случајот до детал и со имиња и презимиња на сторителите.

„По 27 ноември, 7.32 часот тоа што е од мене останато е ехо од човек, чувствувам болка која не се објаснува со зборови, но и обврска и кон Вања и кон Мина“, рече Ѓорчевски.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ рече дека ќе докаже дека обвинението е неосновано, паушално и на претпоставки. Смета дека нема докази, дека не ги познава останатите учесници. Рече дека сам веднаш започнал своја истрага и дека снимките од видео надзорите се обезбедени токму од него. Сепак и за адвокатот најспорен е мотивот.

„ Неоснавана е тезата за мотив кај обвинетиот Александар, неколку месеци неговите деца веќе биле даночни обврзници на становите за кои обвинителството алудира, тие станале сопственици на станови кои им ги подарил таткото“, вели Туфегџиќ.

Го нема пиштолот со кои се убиени Вања и Панче

Според адвокатот иако биле разведени тој бил посветен татко и имал висок степен на грижа кон децата. Потенцираше дека бил изложен на тортура и нечовечно однесување на полицијата за да му се изнуди признание. За ова има медицински извештај и извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

И останатите обвинети тврдат дека се невини, а нивните адвокатите рекоа дека фалат клучни докази за да се поткрепи обвинението.

„Пиштолот со кој се убиени жртвите се уште не е пронајден. Се води како НН со калибар 9 мм. Дојдовме до сознанија кои ќе ги презентираме дополнително, од кого е предметниот пиштол, каде е даден и засолнат и да се пронајде, изјави адвокатот Горан Бошевски, бранител на Манев.

И адвокатот на Боре Видевски тврди дека обвинителството нема докази дека воопшто е присутен па со тоа не постои негова вмешаност. Истото го тврди и адвокатот на Влатко Кешишов.

Судењето продолжува на 7-ми октомври, а мајката, бабата и детото на Вања треба да се појават како сведоци.

TRT Balkan / агенции
Популарни