Важно е Хрватска да се води сериозно, одговорно, доверливо и сите наши граѓани да се безбедни, изјави денеска во Загреб претседателот на ХДЗ и хрватски премиер Андреј Пленковиќ, по гласањето за парламентарните избори.
„Очекувам што е можно повеќе хрватски граѓани да го искористат своето демократско право да гласаат за Хрватска во која се почитуваат Уставот и уставниот поредок, во која Хрватска останува цврсто интегрирана во западниот круг во рамките на НАТО и ЕУ, да се развива, да се гради, да биде отпорна и економски силна, да биде социјално чувствителна и заедно да ги решаваме сите приоритети на хрватскиот народ на најдобар можен начин во следните четири години пред нас“, рече Пленковиќ.
Тој додаде дека во претходните години е направено многу, но дека секогаш има нови задачи и предизвици како и нови проблеми, со оглед на променетиот геополитички контекст и безбедносните закани.
Тој истакна дека секогаш е за што поголем број граѓани да го остварат своето демократско право.
Избирачките места се отворени во Хрватска каде повеќе од 3,7 милиони гласачи одлучуваат кои претставници ќе ги претставуваат во следните четири години и кои ќе добијат шанса да формираат нова влада и да управуваат со земјата.
На овие парламентарни избори има повеќе од 120.000 гласачи помалку од пред четири години. Во Хрватска има 3.511.000 жители, додека во Хрватска активно се регистрирани 222.300 гласачи без живеалиште.
Денеска во Хрватска е неработен ден, а гласачките места ќе бидат затворени во 19 часот.