Опозицијата не прави ништо друго туку „слепо го следи“ претседателот Милановиќ, кој е канцер на хрватскиот политички живот, рече Пленковиќ / Photo: Andrej Plenkovic Facebook

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во вторникот во Парламентот, каде почна седница по барање за интерпелација на Владата, изјави дека предлогот за недоверба на неговата влада нема да помине и ја обвини опозицијата за интензивирање на говорот на омраза.

Прашањето за доверба на премиерот го постави опозициската СДП, по последниот корупциски скандал, апсењето на министерот за здравство Вили Берош, а предлогот го поднесоа 31 пратеник во хрватскиот Сабор.

СДП го образложи својот предлог во 14 точки, а меѓу другото наведува дека „мафијашките елементи во структурите на партиската држава се политичка одговорност на Пленковиќ“.

„Вашата конечна цел дека, по грешка на еден член на Владата и оние кои беа поврзани со него, барате недоверба од целата Влада ја разбирам, но нема да помине. Ние сме позгрозени од вас од оваа афера. Нам исто така, повеќе ни е жал отколку на вас. Може да ви е мило што имате некаква политичка муниција, така што ни залепувате различни етикети за кои мислите дека ќе ви помогнат политички. Тоа е сосема легитимно и демократски. Меѓутоа, за разлика од Вас, ние се бориме против корупцијата“, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека Владата се бори против корупцијата на тој начин што органите на кривичното гонење се целосно независни од извршната власт.

„Хрватското општество денес е крајно поларизирано. Поларизирано е делумно поради вашите настапи и говорот на омраза што го повторувате веќе осум години. Секој пат сме изложени на вашиот говор на омраза и интересно е што како се зголемуваат годините на вашето опозициско искуство, така вашиот говор на омраза станува сѐ пожесток и се одразува на атмосферата во општеството. Вие не понудивте никаква сериозна алтернатива за ниту една политика, а шест точки за кои зборувате се дел од програмата на Владата“, рече Пленковиќ.

Прмиерот потенцираше дека опозицијата не прави ништо друго туку „слепо го следи“ хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој, според Пленковиќ, е канцер на хрватскиот политички живот.

Пленковиќ истакна дека и покрај тешките политички, економски, финансиски, социјални, безбедносни и енергетски околност во последните години Владата секогаш ја имала на ум благосостојбата на хрватскиот народ и хрватската економија.

„И во такви услови ја зачувавме социјалната кохезија и ги постигнавме сите стратешки интереси на хрватската држава кои самите си ги поставивме. А вие тука не ни подадовте рака“, рече Пленковиќ.

Тој вети дека Владата на Хрватска во контекст на последниот корупциски скандал во кој беше уапсен поранешниот министер за здравство Вили Барош ќе оди до крај и ќе ги расветли сите случаи на корупција во здравството.

Во петок се очекува гласање за доверба, а за да помине предлогот за импичмент на премиерот потребни се 76 гласа.

TRT Balkan / агенции
Популарни