Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј почина денеска во Скопје по кратко боледување.
Митрополит Тимотеј починал в болница, каде неколку дена бил на лекување поради проблеми со срцето, објави интернет страницата Религија.мк.
Владиката Тимотеј е роден како Славе Јовановски на 20 октомври 1951 во Младо Нагоричане, Кумановско. Во 1976 дипломирал на Богословскиот факултет.
Потоа работи како службеник во Македонската архиепископија. Од Синодот бил испратен во Рим каде ги завршил ориенталните студии и магистратура. На Богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в. д. ректор на Македонската православна богословија.
Монашки потстриг примил на 10 септември 1981 во Бигорскиот манастир, а на 11 септември бил ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември таа година бил ракоположен за јеромонах во Кичевскиот манастир, а за архимандрит бил произведен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола.
По изборот за епископ на 20 септември 1981, бил хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје.
Од 21 септември 1981 бил назначен за Митрополит австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководел до 1995 , од кога продолжил да раководи со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски.
Изминатите три децении г. Тимотеј беше предводник или член на делегациите што Синодот на МПЦ ги испраќаше со цел да преговараат или да ги запознаат сестринските православни цркви со состојбата во врска со признавањето на МПЦ-ОА.