На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари денес беа погребани 50 жртви од геноцидот во Сребреница, Босна и Херцеговина, извршен во летото 1995 година на подрачјето на Сребреница.
Во тишина и во круг на семејствата во гробовите се спуштени ковчези со 50 некомплетни тела на жртвите од геноцидот.
Сите жртви кои се погребани оваа година, со исклучок на девет жртви кои се ексхумирани од масовната гробница на локалитетот Добро Поље кај Калиновик, која е откриена во јуни 2021 година, ексхумирани се од масовни гробници кои се откриени во текот на претходните години, некои од нив од 1997 и 1999 година, како што се Липље, Пилица, потоа гробниците откриени во 2001, 2004, 2006 и 2011 година.
Еден број жртви ексхумиран е од масовните гробници кои се пронајдени во Каменица, долина на смртта, во текот на 2001, 2007, 2008 година. Посмртните остатоци на некои од жртвите пронајдени се во две или дури три масовни гробници.
На гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница-Поточари клањано е џеназе-намаз (погребна молитва) и закопани се 50 жртви од геноцидот извршен во летото 1995 година на подрачјето на Сребреница.
Меѓу погребаните во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се и близнаците Хасановиќ. Семир и Самир имаа само 20 години во време на геноцидот извршен во Сребреница. Родени се во 1975 година во Прохиќи, кај Сребреница. Нивните посмртни остатоци се ексхумирани од различни масовни гробници откриени на локалитетите Липље и Каменица.
Семир и Самир се закопани покрај братот Исмет и таткото Кадрија, кои во Поточари се погребани претходно. Најмлада жртва која денес е погребана на колективното џеназе во Поточари е Салим Мустафиќ роден во 1979 година во местото Токољаци, кај Сребреница. Во моментот на геноцидот тој имал само 16 години.
Нивните посмртни остатоци ексхумирани се од масовната гробница Љипље кај Зворник во 2006 година. Освен Салим, погребани се уште двајца малолетници кои во моментот на геноцидот имале само 17 години - Вахид Смајловиќ (1978) и Елвир Муминовиќ (1978).
Највозрасна жртва која денес е погребана е Хусеин Крџиќ, роден во 1936 година.
Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на Обединетите нации“ во Сребреница.
Жртви на геноцидот беа 8.372 лица. Десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари досега се погребани 6.671 жртва од геноцидот.