На денешен ден пред 21 година почина првиот претседател на Претседателството на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ.
Почина на 19 октомври 2003 година по боледување на срцето. Според проценките, на погребот на Алија Изетбеговиќ присуствувале повеќе од 100.000 луѓе, како и голем број босанско-херцеговски и меѓународни функционери. Се претпоставува дека тоа бил најголемиот погреб во Сараево.
Роден во Босански Шамац
Алија Изетбеговиќ е роден на 8 август во 1925 година во Босански Шамац. Припаѓал на угледно беговско семејство кое живеело во Белград, а кое уште во 1868 година се преселило во Босански Шамац.
Веќе во втората година од животот на Изетбеговиќ, неговиот татко Мустафа, кој се бавел со трговија и банкарство, одлучил да се пресели во Сараево, каде завршил основно училиште и гимназија.
Поради припадноста на организацијата Млади муслимани Изетбеговиќ е уапсен во 1946 година и осуден на тригодишна затворска казна. Од затвор излегол во 1949 година.
Откако по тригодишното студирање ја напуштил агрономијата, Изетбеговиќ запишал Правен факултет во Сараево, кој успешно го завршил во рок од две години. Од 1950 до 1960 година работел како раководител на градилиште, а од 1960 до 1982 година, како правен советник во бројни сараевски компании.
Во затвор поминал шест години
Во пролетта 1983 година е уапсен и во летото истата година во монтираниот „Сараевски процес“ е осуден на 14 години затвор, каде поминал шест години.
По излегувањето од затвор во 1990 година со група истомисленици ја основал Странка за демократска акција (СДА), која на слободните избори освоила најмногу гласови.
СДА подоцна ќе одигра клучна улога во одбраната на Босна и Херцеговина од агресијата во деведесеттите години од минатиот век. На чело на државата и на партијата СДА бил во повеќе мандати.
Одлуката за повлекување од Претседателството ја соопшти на 6 јуни 2000 година. Најави дека ќе се повлече по истекот на мандатот на функцијата претседавач со Претседателството на БиХ на 12 октомври истата година. Исто така, одби да се кандидира на Третиот конгрес на СДА во 2001 година и прогласен е за почесен претседател на партијата.
Автор на поголем број публицистички трудови
Изетбеговиќ е автор на поголем број публицистички трудови и студии како и на книгите: „Ислам помеѓу истокот и западот“ (Islam između istoka i zapada), „Проблем на исламскиот препород“ (Problemi islamskog preporoda) и „Исламска декларација“ (Islamska deklaracija).
Овие книги преведени се на неколку јазици и објавени во повеќе држави. Во 1999 година ја објави книгата „Моето бегство во слобода“ (Moj bijeg u slobodu), а во 2000 година ја објави книгата „Сеќавања“ (Sjećanja). Собраните дела на Алија Изетбеговиќ во десет тома објавени се во 2004 година.
Добитник е на низа признанија и награди како што се наградата на кралот Фејсал, медал на Центарот за демократија од Вашингтон, а највлијателниот шпански весник, мадридскиот „Ел Мундо“ го избра Алија Изетбеговиќ во 1995 година за личност на годината во светот.
Истанбулскиот Мармара Универзитет во 1997 година му ја додели титулата почесен доктор на правни науки за придонесот во заштитата на човековите права, воспоставување на мирот, но и како угледен правник. На форумот во Кран Монтана во 1998 година, ја доби престижната награда за унапредување на човековите права.
Почитуван од целиот свет
Алија Изетбеговиќ е погребан на шехидските гробишта Ковачи во Сараево. На неговиот погреб присуствувале повеќе од 100.000 луѓе од цела БиХ и странство, а телеграми на сочувство пристигнале од стотина земји.
Ќе остане запаметена изјавата на Ричард Холбрук, творецот на Дејтонскиот договор:
„Да не беше Алија Изетбеговиќ, денес немаше да ја има ниту Босна и Херцеговина.“
Тогашниот премиер, а сегашен претседател на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган, на веста дека Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Босна и Херцеговина, и голем мислител, починал, рече дека тоа неговиот народ и него го потресло од длабината на душата.
„Изетбеговиќ е човек кој со својот живот и дело влијаеше на историјата. Неговата мисија е израз на човековата чест и восхитувачката истрајност, што претставува чест на целиот сет. За вредностите во кои веруваше, за својата држава и својот народ, тој е неисцрпен извор на храброста и исклучителната вредност. Болката по повод смртта на Изетбеговиќ мојот народ и јас ја споделуваме со братскиот босанско-херцеговски народ“, рече тогаш Ердоган.
Во името на Владата на Малезија,тогашниот премиер Мухамед Махтир изрази искрено жалење поради смртта на Изетбеговиќ.
И тогашниот претседател на Република Хрватска Стјепан Месиќ нагласи дека Изетбеговиќ со својата особеност и политичкото делување силно ги одбележал случувањата во БиХ.
„Целиот свој живот го подреди на политичкото делување и не го скршија ниту тешките години на затворскиот живот. Неспорна е неговата државничка улога во воените и повоените години во БиХ, во тој тежок период за сите држави на подрачјето на поранешна Југославија. Често се сретнував со него на многу мировни конференции, кои за жал, не успеаа да ја спречат војната, а нашето познанство го продолживме и подоцна кога БиХ успеа да се одржи како самостојна држава“, истакна тогаш Месиќ.
И бројни други државници од светот, регионот, но и функционери во Босна и Херцеговина, искажаа восхитување и почит кон делата на Алија Изетбеговиќ.
Најистакнат босанско-херцеговски политичар во поновата историја
Алија Изетбеговиќ беше најистакнат босанско-херцеговски политичар во поновата историја на Босна и Херцеговина.
Изетбеговиќ во Туркије го нарекуваат „мудрец“, а неговите цитати останаа запишани во времето и често е спомнуван како пример на вистински лидер, хуманист и борец за човекови права.