Татјана Бобнар, Роберт Голоб и Боштјан Линдав / Photo: AA

Надлежните институции во Словенија наскоро би можеле да започнат процес на одговорност против поранешната министерка за внатрешни работи Татјана Бобнар и поранешниот генерален директор на полицијата Боштјан Линдав.

Бобнар и Линдав би можеле да се соочат со обвинение дека лажно го обвиниле словенечкиот премиер Роберт Голоб за политичко влијание врз полицијата во врска со апсењето на двајца руски шпиони во Словенија.

Претставниците на Националното собрание одржаа дискусија зад затворени врати за привремен извештај за утврдување на евентуална политичка одговорност на носителите на јавни функции поради сомневање за политичко мешање во работата на полицијата.

Собраниската истражна комисија предводена од Алеш Резар во привремениот извештај утврди дека изјавите на поранешниот министер за внатрешни работи Бобнар и поранешниот генерален директор на полицијата Линдав, дека премиерот Голоб наводно влијаел врз Словенечката агенција за разузнавање и безбедност (СОВА) и датумот на апсењето на руски шпиони не се точни.

Во случајот со словенечкиот премиер Голоб не беше пронајден мотив за одложување на апсењето на руските шпиони, но во случајот со Бобнар и Линдава мотивот постоеше и меѓу другото беше од одмазднички карактер.

„Комисијата утврди дека, покрај одмаздата, и двајцата имале мотив политички да го дискредитираат премиерот или дури и да влијаат на текот на судењето на руските шпиони“, рече Резар.

Опозицијата за привремениот извештај коментараше дека тој е нецелосен и дека само го ослободил премиерот Голоб, кој не бил ни испрашуван во истрагата.

Линдав во интервју за РТВ Словенија тврди дека привремениот извештај содржи тајни информации бидејќи открива што кажал во затворениот дел од седницата.

„Извештајот кој е објавен во јавноста ги содржи сите клучни информации што ги презентирав на затворената седница на собраниската комисија. Бидејќи има и дополнителен привремен извештај, кој сè уште е означен како 'таен', навистина се прашувам што друго е тајна што е наведено таму. Како и да погледнете, јас внимателно и претпазливо постапив со податоците, но не можам да го кажам истото за авторот на извештајот. И ме обвинија дека објавувам доверливи информации“, рече Линдав.

Според него, јавноста е сведок на „политичка ликвидација на две лица кои се осмелиле да проговорат за сомнежи за злоупотреба на службената положба, за каква не сме биле сведоци од осамостојувањето на Словенија“.

Адвокатот на Татјана Бобнар, Лука Шваб, тврди дека наводите од привремениот извештај на парламентарната комисија што ги истражува сомнежите за политичко мешање во полицијата не издржуваат сериозен увид.

„Нејзината цел е политички линч ad personam, на каков што досега не сме биле сведоци“, напиша тој.

TRT Balkan / агенции
Популарни