По глобалниот пад во последните неколку години, како резултат на пандемијата од Ковид-19, странските инвестиции постепено се враќаат во регионот на Западен Балкан.
Речиси сите земји од Западен Балкан забележаа значителен пораст на странски инвестиции во првите 9 месеци од 2022 година, во споредба со истиот период од претходната година.
Вкупно над 6 милијарди евра влегле во форма на директни инвестиции во шесте земји од Западен Балкан. ТРТ Балкан во продолжение ви дава регионален преглед на протокот на странски директни инвестиции.
Србија со најмногу странски инвестиции во регионот
Како најголем пазар меѓу земјите од Западен Балкан, очекувано е Србија да се најде на првото место на регионалната листа на земји со најмногу странски инвестиции.
Во првите 9 месеци од 2022 година во Србија како странски инвестиции влегле 3 милијарди и 11 милиони евра, што е речиси половина од сите инвестиции во Западен Балкан.
Сепак, за разлика од повеќето земји во регионот, Србија нема регистрирано значително зголемување на странските инвестиции во однос на првите 9 месеци од 2021 година. Во истиот период од претходната година, во Србија се инвестирани 3 милијарди и 2 милиони евра.
Голем пораст на странските инвестиции во Албанија, Црна Гора и Косово
Во првите 9 месеци од годинава странските инвестиции во Албанија достигнаа околу 984 милиони евра. Според податоците на Централната банка на Албанија, оваа бројка е за околу 35 отсто поголема во споредба со истиот период од претходната година. Овој раст главно се заснова на реинвестирање на добивката од постојните претпријатија, додека доаѓањето на нов капитал од странство расте значително пониско.
И Црна Гора бележи значителен пораст од 41 отсто на странските директни инвестиции, споредено со првите 9 месеци од 2021 година. До септември годинава странските инвестиции достигнаа вредност од над 847 милиони евра.
Дури и Косово има регистрирано зголемување од над 43 отсто на странските инвестиции во првите 9 месеци од оваа година, во однос на првите 9 месеци од 2021 година. Според податоците на Централната банка на Косово, од 390 милиони евра колку што биле инвестициите за девет месеци лани, годинава странските инвестиции достигнаа над 560 милиони евра.
Северна Македонија со најдобар резултат од 2018 година
Северна Македонија има регистрирано 528 милиони евра странски инвестиции во првите 9 месеци од годинава. И покрај тоа што е рангирана меѓу последните во регионот, по Србија, Албанија, Црна Гора и Косово, властите во Северна Македонија велат дека ова е најдобрата година во последните 4 години во однос на странските инвестиции во земјата.
Босна и Херцеговина најслаба во регионот
Иако нема податоци за Босна и Херцеговина за третиот квартал годинава, судејќи според трендот во првите 6 месеци, оваа земја е најслаба во регионот по странски инвестиции.
За половина година, во Босна и Херцеговина влегле само околу 267 милиони евра странски капитал. Оваа бројка е за 30 отсто пониска во споредба со првите шест месеци од 2021 година, според Централната банка во Сараево, што ја прави Босна и Херцеговина единствената земја во регионот што забележала намалување на странските инвестиции во споредба со пред една година.