Поточари: Погребна молитва за 30 жртви на геноцидот во Сребреница / Photo: AA

На гробиштата во Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари се одржа погребна молитва за 30 жртви на геноцидот извршен во летото 1995 година во областа на Сребреница. Илјадници луѓе утрото пристигнаа во Поточари каде што им оддадоа почит на жртвите на геноцидот извршен врз мажи и момчиња во 1995 година.

Погребната молитва во Поточари ја водеше реис-ул-улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Хусеин еф. Кавазовиќ.

По погребната молитва, семејствата, пријателите и соседите ги носеа ковчезите со посмртните останки до местото на закопување.

Меѓу жртвите што се погребани оваа година се и четири малолетници. Најмладата жртва погребана оваа година е момчето Елвир Салчиновиќ, кое имало 15 години кога било убиено. Тој бил убиен во областа Баљковица, а неговите останки беа ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2001 година.

Иако беше идентификуван уште во 2011 година, неговото семејство не најде сила да го погребе Елвир сѐ до оваа година. Последниот мир ќе го најде со татко му Турабија и брат му Алмир, кои беа погребани во Поточари во 2003 и 2011 година.

Погребани се и двајца 16-годишници, Мустафа Меканиќ и Есед Клемпиќ. Нивните останки беа ексхумирани во текот на 2001 година на различни локации, на подрачјето на Глогова и Каменица. Тие беа идентификувани и во претходните години, 2008 и 2013, но дури сега е добиена согласност за нивно погребување. Уште еден малолетник најде конечен мир, а тоа е Семир Ѓозиќ. Имал 17 години кога бил убиен, а неговите посмртни останки биле ексхумирани во 2002 година.

Незир Муминовиќ е најстара жртва на геноцидот во Сребреница погребана оваа година. Во моментот кога бил убиен имал 65 години, а неговите посмртни останки биле ексхумирани во областа Каменица во 2007 година.

Оваа година се погребани и татко и син - Вејсил и Хасиб Мујановиќ.

Секоја година, по колективниот погреб на жртвите од геноцидот во Сребреница во 1995 година, во Поточари се врши реексхумација на претходно закопаните жртви, со цел да се додадат посмртните останки што подоцна се пронајдени.

Оваа години ќе се отвори 71 гроб. Во просториите на проектот за идентификација Подриње има околу 400 останки што, исто така, го чекаат процесот на реексхумација и реасоцијација.

TRT Balkan / агенции
Популарни