Гори складираната пластика и мелената пластика во погонот, каде не се спроведени сите пропишани мерки за противпожарна заштита / Photo: Reuters

Околу 40 минути по полноќ, во дворот на компанијата за преработка на пластика „Драва интернешнл“ во предградието на Осиек избувна пожар во кој сè уште гори пластична маса и амбалажа, а при гаснењето се повредени двајца пожарникари.

Силниот ветер во текот на ноќта им оневозможи на пожарникарите од Осиек и округот успешно да го локализираат пожарот во фабриката.

Ова е трет пожар на овој објект во изминатите десет години, но претходните два беа успешно санирани кога избувнаа, потврдија началниците на пожарникарите и локалните власти.

Пожарот се уште гори, а не се очекува и покрај големите противпожарни сили да биде изгаснат пред вечерта.

Силниот ветер што дува отровниот чад го носи на југ, така што веќе стигнал до границата со соседна Босна и Херцеговина, но засега воздухот и водата за пиење во градот Осиек се безбедни, изјави градоначалникот на Осиек Иван Радиќ.

Гори складираната пластика и мелената пластика, кои се складирани во погонот на компанијата, каде не се спроведени сите пропишани мерки за противпожарна заштита, изјави главниот противпожарен командант на Република Хрватска, Славко Туцаковиќ.

Двајца пожарникари кои се полесно повредени се згрижени во болницата во Осиек, како и сите пожарникари кои синоќа во прва смена го гаснеа пожарот за да се констатира можно труење од отровни материи содржани во чадот, кое не е утврдено, додаде Туцаковиќ.

Пожарот е се уште активен и сигурно ќе биде активен во текот на денешниот ден“, изјави Туцаковиќ.

Тој додаде дека наскоро се очекува од Загреб да биде испорачана специјална хемиска супстанца која ќе помогне да се изгасне запалената пластика која гори на температура од над 850 степени Целзиусови.

Во текот на целиот ден ќе биде потребна контрола на почвата, водата и воздухот, особено во правец на ветерот.

Поради фините честички кои лебдат високо во атмосферата, не беа употребени воздухопловните сили за гаснење на пожарот.

Пожарникарите успешно ги отстранија киселините, алкалите и горивата од соседните магацини за да не се запалат.

„Ваков пожар се уште не е евидентиран, а на локацијата се активни 82 цистерни со вода кои ги ладат купиштата. Имаме и течна пластика која ги полнеше каналите, но со брза акција се затворија дотоците кон пречистителната станица и одводните канали кон градот“, рече Туцаковиќ.

Префектот на Осијечко-барањската жупанија Иван Анушиќ им порача на граѓаните да останат во своите куќи и да ги затворат вратите и прозорците.

Анушиќ ги повика властите да ги истражат околностите на пожарот, посочувајќи дека „во оваа фабрика без никаква контрола се наталожени милиони тони пластика, закопана и измешана со земја, што го предизвика пожарот синоќа“.

„Ова е ситуација на опасна закана не само за жителите кои живеат во близина, туку и пошироко. Последиците од овој пожар ќе се санираат со години, со огромни средства, а трошоците треба да ги сносат сопственикот на оваа зграда и службите кои навреме не реагирале“, рече Анушиќ.

Градоначалникот Радиќ, истакна дека училиштата и градинките во Осијек денеска работат нормално бидејќи условите не се нарушени, според мерењата на ДХМЗ.

На пожарникарите им помагаат припадници на цивилната одбрана со робот, во областа околу пожарот пристигнуваат мобилни станици за мерење на квалитетот на почвата, воздухот и водата, а инспекциските служби ќе ги утврдуваат причините за пожарот по санирање на пожарот.

AA
Популарни