Лидерите разговараа и за заедничките позиции на трите држави за забрзување на имплементацијата на тековните иницијативи.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на негова иницијатива денеска одржа координативен онлајн состанок со лидерите на Отворен Балкан - претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама.

Според соопштението испратено од Владата на Северна Македонија, онлајн состанокот е во пресрет на одржувањето на Самитот за Берлинскиот процес кој се одржува во почетокот на ноември во Берлин.

На координативниот состанок присуствуваа вицепремиерот Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

„На состанокот лидерите истакнаа дека Отворен Балкан e препознаен како позитивна регионална иницијатива која веќе дава конкретни резултати за компаниите и за граѓаните кога се во прашање европските слободи за движење на луѓето, услугите и стоките. За таа цел лидерите се договорија, на претстојниот Самит за Берлинскиот процес да ги пренесат сите позитивни искуства од Отворен Балкан“, се вели во соопштението.

Од лидерите исто така беше посочено дека Отворен Балкан е иницијатива која ги мобилизира администрацијата, бизнисот и граѓаните за заеднички напредок на регионот и за заедничка поддршка за време на кризните состојби предизвикани од недостигот на храна и струја.

Лидерите разговараа и за заедничките позиции на трите држави за забрзување на имплементацијата на тековните иницијативи.

TRT Balkan / агенции
Популарни