Во Касарната „Илинден“ во Скопје се одржа пречек на припадниците на Армијата на Северна Македонија кои учествуваа во хуманитарната операција во Туркије по разорните земјотреси што ја погодија оваа земја.
На оваа церемонија учествуваа претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерката за одбрана на земјата, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, Васко Ѓурчиновски, амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, и воениот аташе при турската Амбасада во Скопје, Серкан Чакир.
Станува збор за армиски тим за заштита и спасување од Баталјонот за специјални сили, од 60 лица, водачи и две кучиња обучени за трагање, кои беа ангажирани во Кахраманмараш.
Пендаровски во своето обраќање пред присутните истакна дека според информациите што ги добиле од НАТО, Армијата на земјата била во првите пет кои пристигнале на самото место, практично 24 часа по земјотресот.
Тој рече дека нивните мисли се со оние кои во земјотресот ги загубиле најмилите.
Според него, тука не само Армијата на земјата, и македонските институции, Владата, претседателот, сите ќе мора да помагаат веќе од наредните денови за да имаат сите тие луѓе и покрив на главата, и јадење и сместување, и старите и младите.
Нагласувајќи дека народот на Северна Македонија, сите граѓани на земјата ѝ помогнаа на Туркије и ќе ѝ помагаат и во иднина во каква било ситуација, Пендаровски додаде:
„Не затоа што сме членка на НАТО и сме формални сојузници, туку затоа што нашето пријателство, пријателството меѓу нашите народи трае со векови наназад, и ќе трае со векови нанапред. Така што сакам да ги уверам сите турски граѓани, преку нивниот амбасадор тука и преку јавноста дека сме помагале и ќе помагаме.“
„Навистина во овие тешки моменти нѐ направивте горди. Мала држава која може да даде толку голем придонес во едни вакви светски катастрофи со илјадници, десетици илјади загинати со огромна деструкција во едно подрачје кое е далеку поголемо од целата наша држава. Турскиот народ го сметаме како најблизок, пријател, другар и комшија“, истакна Пендаровски.
Потсетувајќи дека оваа година ќе се одбележи 60-годишнина од скопскиот катастрофален земјострес, што се случи во 1963 година, Пендаровски потсети дека во тоа време примиле помош и поддршка од пријателскиот турски народ.
Пендаровски упати сочувство за сите загинати, за сите настрадани во земјотресите во Туркије и во Сирија.
Од друга страна, министерката Петровска истакна дека немале сомнеж и немале трошка двоумење дека треба да одговорат на повикот за помош и поддршка во Туркије.
Затоа што, според неа, Туркије е нивната пријателска земја со која низ минатите години соработуваат во различни прилики и ја имале секогаш нивната поддршка.
Петровска нагласи дека во координација со претседатетол на државата и со началникот на Генералштабот, одлучиле дека треба да ги испратат најдобрите, најобучените, најподготвените за справување со една ваква комплицирана и навистина тешка задача.
„Ви благодариме што го спасивте младиот Сулејман и што му дадовте шанса да порасне во успешен млад човек. Ви благодариме за вашата пожртвуваност и што покажавте дека секогаш сте подготвени да му служите на нашиот народ, но и да помогнете и на пријателите кога ќе се најдат во неволја“, рече Петровска.
Таа информира дека одлучиле дополнително да ги наградат припадниците на Армијата кои учествувале во операциите за спасување во Туркије и со дополнителна исплата на една просечна плата.
Меѓу другото, амбасадорот на Туркије во Скопје, Секизќок, нагласи дека со претседателот, Владата, Армијата, јавните институции, општините, бизнисите, невладините организации, образовните институции и со граѓаните од сите краишта на земјата, Северна Македонија била мобилизирана да испрати помош во подрачјата погодени од земјотресите во Туркије.
Секизќок рече дека припадниците на Армијата на Северна Македонија биле ангажирани во подрачјето погодено од земјотресите во Кахраманмараш.
„На самото место го видовте рушењето на земјотресот, влеговте под урнатините, без да се уморите и без да одморате, со сето срце учествувавте во операциите за пребарување и спасување. Ја споделивте длабоката болка на турскиот народ. Вие храбрите деца на македонската Армија, завчера се вративте во вашата земја. Но, жртвувањето и големата солидарност што ја покажавте се врежани во длабоката меморија на турскиот народ и вечно ќе остане во Република Туркије“, рече Секизќок обраќајќи им се на војниците.