Упатството е донесено пред сѐ имајќи ја предвид долготрајноста на постапките за меѓународна соработка, па предност дава на проверка на индициите

Јавното обвинителство, преку јавниот обвинител за врски со Европравда, одржа онлајн состанок со претставници на специјализираниот аналитички центар на Европол, надлежен за борба против корупцијата, со цел разгледување на можностите за воспоставување продлабочена соработка во предмети од областа на корупцијата.

„Врз основа на заклучоците од состанокот и на претходните согледувања од спроведувањето на Упатството за давање приоритет на предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес, ЈОРМ го дополни тоа задолжително упатство за да ја уреди постапката за обезбедување на податоци и информации за банкарски сметки, имот или предмети од интерес кои се лоцирани во странство, а кои се однесуваат на предмети од областа на корупцијата, без оглед дали учесници во корупција се приватни лица, лица со јавни овластувања или носители на јавни функции, односно против сите инволвирани во акти на корупција без оглед на нивна улога и статус“, соопшти ЈОРМ.

Според обвинителството, согласно донесените одредби, доколку во предметите за кривични дела од областа на корупцијата постојат информации или индиции дека осомничените лица може да поседуваат банкарски сметки, имот или предмети од интерес кои се лоцирани во странство, потребно е задолжително да се испитаат таквите околности, а јавните обвинители притоа добиваат можност да ја користат експертизата и дата базите на Европол.

„Упатството е донесено пред сѐ имајќи ја предвид долготрајноста на постапките за меѓународна соработка, па предност дава на проверка на индициите и информациите за постоење на банкарски сметки, имот или предмети од интерес кои се лоцирани во странство преку каналите на полициска соработка на Европол, пред да започне формалниот процес на обезбедување на докази по пат на меѓународна соработка“, рекоа од ЈОРМ.

Проверките ќе се вршат преку Европскиот центар за економски и финансиски криминал (ЕФЕЦЦ) и тоа од Тимот за финансиски криминал – Аналитичкиот проект против корупција, при што упатството го појаснува начинот на кој се подготвува таквото барање, како и начинот на проследување на барањето и роковите за постапување.

Мерките кои ги презеле јавните обвинители за проверка на наведените околности треба да бидат составен дел од извештаите кои задолжително треба да ги поднесуваат јавните обвинители согласно претходно донесеното упатство.

TRT Balkan / агенции
Популарни