Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер пристигна во дводневна посета на Албанија, што е прва официјална посета на шеф на германска држава на оваа балканска земја по 27 години.
Во рамките на дводневната посета, Штајнмаер се состана со неговиот албански колега Бајрам Бегај, како и со претседателката на Собранието на Албанија, Линдита Никола, по што одржа говор пред пратениците во парламентот на Албанија.
„Тирана е политички центар на Албанија, каде живее европската демократија. Таа е европска престолнина на младите во 2022 година. Со отворањето на преговорите за членство во Европската унија (ЕУ), започнува нова фаза и иднината на Албанија во Европа станува конкретна“, рече германскиот претседател.
Тој додаде дека е „возбуден поради фактот дека во таа земја се чувствува европскиот дух“.
„Ја развивте и реформиравте вашата земја, имајќи ја предвид јасната цел за членство во ЕУ, а успесите се јасно препознатливи“, рече германскиот претседател.
Штајнмаер додаде дека патот на Албанија кон ЕУ ќе биде амбициозен, додавајќи дека во таа земја не постои сомнеж околу ориентацијата кон ЕУ.
Зборувајќи за војната меѓу Русија и Украина, тој рече дека „рускиот брутален напад врз Украина донесе не само уништување, смрт и страдање на Украинците, туку и ја втурна цела Европа во економска криза, а последиците од оваа војна се чувствуваат насекаде во светот."
Германскиот претседател на средбата со Бегај истакна дека Албанија како членка на НАТО на важен начин придонесува „за одбрана на источното крило и за зајакнување на регионалната безбедност на Западен Балкан“.
„Токму во ова време кога во Европа се соочуваме со ужасна војна меѓу Русија и Украина, важно е да можеме да ја одржиме кохезијата и пријателството во Европа и дополнително да го зајакнеме, а Албанија дава многу важен придонес за кохезијата во Европа“, рече Штајнмаер.
Во рамките на посетата на Албанија, предвидено е германскиот претседател Штајнмаер да се состане и со албанскиот премиер Еди Рама.
Пред посетата на Албанија, германскиот претседател Штајнмаер престојуваше во дводневна посета на Северна Македонија каде се состана со претставниците на државниот врв.