Зоран Милановиќ и Драган Приморац ќе се натпреваруваат во вториот круг од претседателските избори во Хрватска.
Според резултатите на Државната изборна комисија (ДИП) објавени по обработени 99,59 отсто од избирачките места, актуелниот претседател на Републиката, Зоран Милановиќ, освоил 792.106 односно 49,12 отсто од гласовите, а кандидатот на ХДЗ и партнерите, Драган Приморац, 312.562 (19,38 отсто).
Кандидатката Марија Селак Распудиќ освоила 9,25 отсто, Ивана Кекин 8,89 отсто, Томислав Јоњиќ 5,09 отсто, Миро Буљ 3,82 отсто, Бранка Лозо 2,41 отсто, а Нико Токиќ Картело 0,88 отсто од гласовите.
Излезноста на изборите беше 46 отсто.
Победникот во вториот круг од изборите, кој ќе се одржи на 12 јануари, ќе биде кандидатот кој ќе освои најмногу гласови.
Новоизбраниот претседател на Хрватска би требало да ја преземе функцијата на 18 февруари 2025 година.
По објавувањето на изборните резултати, Милановиќ изјави дека „ќе се бори за Хрватска“ и „владеењето на правото“ и посочи дека тоа е важно за неговата земја, регионот и за иднината која е неизвесна.
„Ќе се борам против узурпацијата и насилството на власта врз човековата природа, врз човечкиот имот и воопшто против човечкото достоинство бидејќи, за жал, во Хрватска во последните години има премногу насилство од овој тип“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека ќе ја продолжи трката „според правилата на игра“, но дека доколку противникот нападне спротивно на правилата, ќе мора да се бори.
Во ХДЗ на Приморaц за време на изборната ноќ многумина не го криеја разочарувањето од освоените помалку од 20 отсто гласови, односно со фактот дека Милановиќ речиси за малку не победи уште во првиот круг.
„Знам дека оваа разлика е голема на прв поглед, но за мене тоа е предизвик. Од друга страна, сега е одлична можност да видиме што знаеме и сакаме. Зоране, излези и покажи што знаеш, која е твојата програма?! Мојата програма е подобра за иднината на Хрватска. Нека пресудат кој ја води нашата татковина на исток, а кој на запад, кој води кон единство, а кој води кон неединство. Сакам овие избори да не одведат во 22 век, а не во минатото“, рече Приморац.