Во октомври во Словенија ќе се одржат претседателски избори     Фото: АА

Претседателските избори во Словенија ќе бидат одржани на 23 октомври, соопшти претседателката на словенечкиот парламент Уршка Клакочар-Зупанчич, откако ја потпиша одлуката за нивно распишување.

Изборните рокови почнуваат да течат од 22 август, до кога е можно да се поднесуваат кандидатури, после што почнува и официјална предизборна кампања.

Во случај да биде потребен втор круг од изборите, во кој се натпреваруваат два кандидати со највеќе освоени гласови во првиот круг, тој мора да биде одржан во рок од три недели.


Новоизбраниот претседател би требало да положи заклетва во парламентот на 23 декември, ден откако што ќе му истекне вториот петгодишен мандат на сегашниот претседател Борут Пахор.


Овогодишните претседателски избори во Словенија се седми од 1992 година. Два последователни мандати успеаа да освојат само првиот претседател Милан Кучан и тоа во 1992 и 1997 година, во првиот круг и Борут Пахор, кој првин го победи Данило Туерк, а потоа Марјан Шарец во втор круг.


Освен Туерк, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, само еден претседателски мандат одработи Јанез Дрновшек, кој за претседател се кандидираше во 2002 година, откако неколку години беше премиер.

Испитувањата на јавното мнение во последните две недели, откако неофицијално на јавноста ѝ се претставија потенцијалните кандидати за претседателските избори, највеќе можности за евентуален влез во веројатен втор круг од претседателските избори имаат познатата правничка Наташа Мусар Пирк, поранешниот министер за надворешни работи Анже Логар и поранешната дипломатка Марта Кос, која ќе ја кандидира Движењето Свобода, партијата на премиерот Роберт Голоб.

TRT Balkan / агенции
Популарни