Регулатива за готовински трансакции што стапува на сила од утре има за цел да ги контролира и количината и квалитетот на парите во оптек, рече Бислими / Photo: AA

Вицепремиерот на Косово и главен преговарач на Приштина во дијалогот со Белград, Бесник Бислими изјави дека казнените мерки поврзани со спроведувањето на Регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК) нема да стартуваат утре, односно од 1 февруари.

Тој тврди дека ЦБК, во соработка со Централната банка на Србија, треба да најде соодветен механизам за обезбедување на трансферите и донациите што Србија сака да ги испрати до граѓаните на српската заедница во Косово.

На прес-конференцијата Бисљими рече дека „еврото било и ќе биде единствената официјална валута“.

„Ниту еден граѓанин нема причина да се плаши од спроведувањето на новата регулатива на ЦБК. Секој граѓанин треба да биде среќен дека ќе се зајакне интегритетот на финансискиот систем. Владата ќе се погрижи да има што повеќе информации, а ЦБК граѓаните во секоја општина да имаат пристап до банкарскиот систем на земјата и да најдат, во соработка со Централната банка на Србија, соодветен механизам за обезбедување на трансферите и донациите што Србија сака да ги испрати до граѓаните на српската заедница на Косово“, рече Бислими.

Тој изјави дека ЦБК донела регулатива за готовински трансакции што стапува на сила од утре и дека има за цел да ги контролира и количината и квалитетот на парите во оптек.

„Таа има за цел да го контролира квантитетот и квалитетот на парите во оптек и да го заштити интегритетот на финансискиот систем на земјата.

Оваа одлука има за цел да продолжи борбата против криминалните активности на финансискиот пазар- фалсификати, перење пари. Крајната цел е да се заштитат потрошувачите и платниот систем во Косово“, рече Бислими.

Бислими рече дека од Србија на Косово доаѓаат помалку од 200 милиони евра годишно, иако претседателот на Србија, Александар Вучиќ тврди дека се испраќаат 800 милиони евра. Тој оцени дека тоа е она што го загрижува Вучиќ, бидејќи воведувањето на транспарентност ќе укаже на злоупотреби.

Бислими оцени дека најпогодени ќе бидат пензионерите кои немаат банкарски сметки и се пензионери од Србија. Во тој контекст, тој изјави дека околу 17.000 Срби од Косово примаат пензии од Владата на Косово преку банкарски сметки, па овие сметки, додаде, можат да се користат за исплата на пензиите од Србија. Тој рече дека истото важи и за примателите на социјална помош или исплати за породилно отсуство од работа.

„Секое српско семејство во Косово во просек има две банкарски сметки во Косово“, рече Бислими.

Претседателката на Косово Вјоса Османи претходно денеска изјави дека треба да им се даде одреден рок на граѓаните за да може без проблеми да се спроведе новата Регулатива на Централната банка, која предвидува укинување на употребата на српскиот динар на Косово.

Оваа уредба предизвика негативни реакции кај косовските Срби, кои примаат исплати од Република Србија во динари, додека меѓународните дипломати од САД и ЕУ ја повикаа Владата на Косово да ја преиспита оваа одлука.

TRT Balkan / агенции
Популарни