Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е геополитичко прашање     Фото: АА

Без заедничка декларација, но со заеднички заклучоци заврши 11-тиот состанок на лидерите на земјите од регионот во рамки на процесот Брдо-Бриони кој денеска се одржа во Брдо кај Крањ, Словенија.

Според словенечкиот претседател Борут Пахор, заедничката декларација изостана поради непремостивите разлики во ставовите. Пахор копретседаваше со состанокот со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Двајцата на прес-конференција оценија дека самитот бил успешен, разговорот на лидерите конструктивен и дека лидерите разговарале за прашања кои ги поврзуваат, а не за оние кои ги раздвојуваат.

„Сепак треба да разбереме кои разлики се непремостливи во нашите ставови. Сепак тоа не беше така драматично за на крајот да не усвоиме одредени заклучоци. Декларацијата не можевме да ја усвоиме. Од неа се откажавме уште во подготовките бидејќи преовладуваа разлики, но на самата конференција преовладуваа заеднички позиции и можевме да ги усвоиме заклучоците”, изјави Пахор.

По состанокот, лидерите на процесот во заклучоците повторно го потенцираа значењето на проширувањето како геополитичко прашање. Пахор додаде дека повикале на забрзан процес на интеграција во Европската унија во согласност со добро познатите услови за членство.

Кандидатски статус за БиХ

Лидерите повикаа и на Босна и Херцеговина да и се даде статус на земја кандидат до крајот на 2022 година и да се укине визниот режим за сите држави на Западниот Балкан.

„Ја повикуваме ЕУ да му помогне на Западен Балкан во справувањето со проблемите од енергетската криза и кризата со храна. И на крајот ја потврдуваме својата посветеност на дијалогот како еден начин за решавање на разликите и отворените прашања во регионот”, истакна Пахор.

Отстапувањето од заедничка декларација го потврди и хрватскиот претседател Милановиќ. Тоа според него се случило поради ставот на БиХ да не се спомене конститутивноста на народите во таа земја.

„Мојот предлог беше во документот да се спомене конститутивноста на народите во БиХ. Мене, тоа ми се чини како минимум стандарди, али некои од колегите од БиХ тоа не го дозволија. Моја должност беше тоа да го предложам, но беше одбиено истиот момент и тоа е тоа. Заклучивме дека нема да одиме на декларација”, изјави Милановиќ

Сепак тој ги поздрави заедничките заклучоци.

„Тоа е најмалиот заеднички содржател, но и понатаму нешто околу што заеднички се договоривме. Од декларацијата се откажавме. Заклучоците се усвоени во тешки моменти за светот”, рече хрватскиот претседател и дополни дека не се разговарало за признавање на Косово од страна на Србија.

„Ако тоа се случеше состанокот ќе завршеше пред да започне”, рече претседателот на Хрватска.

На состанокот на Брдо-Бриони процесот се разговараше и за безбедносната и енергетската криза по руската агресија на Украина.

Освен Милановиќ и Пахор учествуваа и претседателот на Албанија Бајрам Бегај, членовите на претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ, Жељко Комшиќ и Милорад Додик, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, претседателката на Косово Вјоса Османи, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Пендаровски: Неопходна е интеграција на Западен Балкан во ЕУ

„Во овие тешки времиња кога европскиот континент се соочува со безбедносни предизвици и економска криза мора да покажеме обединетост и да ја зајакнеме меѓусебната регионална соработка“, порача македонскиот претседател Пендаровски на состанокот на лидерите од регионот во рамки на процесот Брдо-Бриони.

Според Пендаровски целосната и забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ е од исклучителна важност за Европа.

Во рамки на состанокот, Пендаровски оствари средба и со албанскиот претседател Бајрам Бегај. На состанокот претседателите размениле искуства од преговарачкиот процес на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.

Кои држави се иницијатори на процесот Брдо-Бриони?

Состаноците на Брдо-Бриони процесот се одржуваат на иницијатива на Словенија и Хрватска како членки на Европска Унија со цел унапредување на соработката на земјите во Југоисточна Европа и забрзување на процесот на европски интеграции на останатите земји од регионот.

Дел од нив веќе преговараат со ЕУ или имаат статус на земја-кандидат. Иницијативата Брдо-Бриони е покрената во 2010 година од тогашните премиери на Словенија и Хрватска, Борут Пахор и Јадранка Косор. Тие по потпишувањето на договорот за арбитража помеѓу двете земји сакаа да им дадат пример на лидерите на Западен Балкан и да ги поттикнат на решавање на билатералните прашања.

Од 2013 состаноците во рамки на процесот Брдо-Бриони се одржуваа секоја година. На лидерите на земјите од регионот им се придружуваа и Ангела Меркел, Хајнц Фишер, Андреј Дуда, Серџо Матарела, Џо Бајден и претставници на институциите на ЕУ.

TRT Balkan / агенции
Популарни