Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје / Photo: Основен кривичен суд Скопје

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје им ја продолжи мерката притвор за 30 дена на петмината осомничени за случајот со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски.

Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски се осомничени за грабнување и помагање на убиство и на Ѓорчевска и на Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Тие од почетокот на декември се во притвор во Шутка.

Продолжен е и притворот за Стефан Димковски кој е осомничен дека му помогнал на осомничениот за двојното убиство, Љупчо Палевски Палчо да избега во Турција.

- Предлогот за продолжување на мерката притвор се прифаќа и на : В.М., В.К., Б.В. за кои постои основано сомнение за две кривични дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.1 и т.4 и чл. 123 ст.2 т.1 и т.7 од КЗ, и две кривични дела Грабнување од чл. 141 ст.1 и чл. 141 ст.2 вв ст. 1 од КЗ, како и А.Ѓ. осомничен за кривично дело Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 од КЗ, сите поврзани со убиството на малолетната девојка од Скопје - В.Ѓ и велешанецот П.Ж., им се продолжува притворот за 30 дена. Воедно прифатен е предлогот и за продолжување на мерката притвор за нови 30 дена и за С.Д. осомничен за Помагање на сторител во извршување на кривичното дело од чл. 365 ст.5 вв со ст.1 од КЗ, а поврзан со бегството на првоосомничениот кој се наоѓа во екстрадиционен, краткотраен затвор во Република Турција, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.

Првосомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница.

На 29 декември минатата година му беше одредени привремен затвор во Затворената казнено-поправна установа Беликсир во Турција.

TRT Balkan / агенции
Популарни