Продолжува интензивната сеизмичка активност во и околу познатиот грчки остров Санторини во јужниот дел на Егејското Море.
Утрово четири земјотреси се регистрирани во морското подрачје југозападно од Санторини, од кои најсилниот бил со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.
Според податоците на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресите се случиле меѓу три и пет часот наутро, а сите четири сеизмички активности биле окарактеризирани како „слаби“, јавуваат грчките медиуми.
Во последните три дена во регионот помеѓу Санторини, Аморгос и Иос се забележани 550 земјотреси, од кои сите биле посилни од три степени според Рихтеровата скала, а најсилниот бил со јачина од 4,9 степени.
Граѓаните евакуирани од грчкиот остров Санторини поради зголемената сеизмичка активност во Егејското Море синоќа пристигнаа со траект на пристаништето Пиреја.
Повикувајќи се на експерти, ЕРТ објави дека потресите не се во корелација со вулканската активност на островот што започна минатата недела, додавајќи дека потресите може да продолжат и до една недела.
Ефтихимос Лекас, еден од истакнатите експерти во земјата, говорејќи за ЕРТ рече дека иако се веројатни посилни потреси, тој не прогнозира нешто поголемо од 6 степени според Рихтеровата скала.
Коментирајќи за ова прашање, премиерот Киријакос Мицотакис рече: „Сакам да ги замолам нашите островјани, пред сѐ, да останат смирени и да ги слушаат инструкциите на (властите за) Цивилна заштита.“