Премиерот Еди Рама почна јавни консултации со советите на родители во сите училишта за можно целосно блокирање на социјалните мрежи ТикТок и Снапчат / Photo: AA

Денес во Тирана се одржа протестен марш под мотото „За животот, безбедноста и образованието на децата“, откако пред неколку дена во главниот град на Албанија беше убиен 14-годишен ученик.

Родители и активисти на граѓанското општество побараа од институциите поголема заштита и безбедност на децата.

Протестот започна пред Основното училиште „Фан Ноли“ во Тирана, а колоната потоа се движеше кон седиштето на Министерството за образование и спорт.

Тврдејќи дека институциите треба да ја сносат одговорноста за убиството на малолетникот, демонстрантите фрлија црвена боја пред седиштето на Министерството за образование и спорт, а дел од нив побараа и оставка од министерката Огерта Манастирлиу.

На 18 ноември 14-годишно момче беше избодено до смрт по пресметка на неколку малолетници во близина на училиштето, а повреден беше уште еден ученик. Расправијата која резултирала со убиството наводно почнала на социјалните мрежи.

Од Министерството за образование и спорт истакнаа дека безбедноста во училиштата и надвор од нив била и ќе остане апсолутен приоритет за соработка на ова министерство и другите институции.

Албанскиот премиер Еди Рама го потврди започнувањето на јавни консултации со советите на родители во сите училишта во Албанија за можно целосно блокирање на социјалните мрежи ТикТок и Снапчат.

Во изјавата по состанокот на владата, Еди Рама истакна дека смртта на 14-годишното момче е трагедија која бара ефективен одговор и од државата и од општеството.

AA
Популарни