Пожарите во Грција, кои се проширија во предградијата на Атина, предизвикаа смрт на едно лице и остави изгорени куќи, објекти и огромна материјална штета.
Станува збор за жена која починала во продавница во населбата Врилисија, северно од главниот град Атина. Неколку илјади луѓе беа евакуирани.
Портпаролот на противпожарната служба Василиос Ватракогианис рече дека веќе нема ниту еден активен огнен фронт во регионот на Атика, кој ја опфаќа Атина, туку „неколку активни локализирани пожари“, главно околу градовите Маратон и Пентели.
Во понеделникот вечерта тој додаде дека ситуацијата и понатаму ќе биде опасна и дека условите за нови пожари ќе траат не само во вторник, туку и неколку дена.
Пожарот го гаснат повеќе од 700 пожарникари со 199 возила и 35 авиони и хеликоптери.
Според Ватракогианис, на двајцата пожарникари им била укажана помош од изгореници.
Првиот пожар избувна во неделата попладне на околу 35 километри северно од Атина, а во понеделникот избувна на 40 различни локации. На некои места пламените јазици биле високи и до 25 метри.
Жителите на Атина почнаа да носат маски за да се заштитат од чадот. Авионите морале да престанат со работа синоќа, но на терен гаснењето на пожарот продолжило и ноќе.
Сателитските снимки од Грчката национална опсерваторија покажаа дека пожарот веќе зафатил околу 405 квадратни километри територија.
Во пошуменото ридско подрачје на Пентели требаше да се евакуираат три болници. Пожарот ја зафатил и фабриката за преработка на дрво, експлозии се слушнале и на други места во околината, најверојатно резервоари за гориво и боци со гас на жителите.
И покрај опасностите, дел од жителите на Пентели останаа блиску до своите домови и се обидоа да изгаснат помали пожари.
81-годишниот Василис Струбелис пред вратата на оштетената куќа рече: „Ова го градам 30 години. 30 години и бум“.
Условите на терен се уште се исклучително тешки, а работата на пожарникарите особено ја отежнува силниот ветер и сушата.
Според временската прогноза, пожарникарите не можат да очекуваат пауза.
Преку Европскиот механизам за цивилна заштита, Грција побарала помош во справувањето со огнените јазици, а позитивно одговориле Франција, Чешка, Италија, Србија, Романија и Туркије, кои испраќаат противпожарни сили.
Туркије испраќа два противпожарни авиони тип „Ер тфрактори“, Србија еден хеликоптер од типот „Камов“ со 35 пожарникари и десет возила, Франција хеликоптер од типот „Супер Пума“ и 200 пожарникари со 28 цистерни, а Романија испраќа 44 лица со четири цистерни.
Од Италија утрово се очекува да пристигнат два противпожарни авиони „Канадер“, а Чешка испраќа 75 пожарникари и 25 возила, од кои 9 се цистерни.
За помош на тамошните пожарникари веќе пристигнаа колеги од Молдавија, а се очекува помош од Шпанија.