Рама: Грчкото малцинство не е ничија изборна алатка / Photo: AA Archive

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во врска со случајот со приведување на кандидатот од етничкото грчко малцинство за градоначалник на Општина Химара, град во јужна Албанија, и по реакциите на грчките власти, истакна дека верува оти „грчкото малцинство не е ничија изборна алатка, ниту во Албанија, ниту во Грција“.

На прес-конференцијата во врска со локалните избори што се одржаа на 14 мај во земјата, Рама одговори на прашањата за случајот за кој станува збор, и рече дека изборите во Општина Химара се спроведени мирно, и дека таму е реализирано гласање без пречки и инциденти.

„Што се однесува до прашањето за Химара, сакам да бидам многу јасен. Првин, сакам да ги почитувам изборите во Грција и да ја разберам запаливата реторика, стремејќи се кон што е можно повеќе мудрост и воздржаност од моја и од наша страна. Бидејќи извршивме извонредна работа, заедно со грчката Влада, со премиерот Мицотакис, со министерот за надворешни работи Дендијас за да изградиме нов голем, широк и цврст мост на соработка и да ги развиеме на друго ниво односите меѓу Албанија и Грција. Јас од моја страна сум одлучен да дадам сè од себе наместо да бидам принуден да реагирам професионално“, нагласи Рама.

Албанскиот премиер истакна: „Слушнав многу и практично преферирам да не зборувам и нема да зборувам сè до завршување на изборите во Грција во врска со ова, надевајќи дека по изборите во Грција ќе има дијалог, а не изјави, што ги слушнав не само од страна на претставниците на грчката Влада, туку и од опозициските партии, сестринските партии како Сириза или ПАСОК.“

Приведувањето на Алфред Белери

Фреди Белери, кандидат на етничкото грчко малцинство, кој се кандидираше за градоначалник на Химара, град во јужна Албанија, беше приведен од Полицијата на Албанија на 12 мај под обвинение за извршување на кривичното дело „активна корупција на избори“. По завршувањето на пребројувањето на гласовите, Белери победи во оваа изборна трка.

Приведувањето на Белери, кој е познат како припадник и поддржувач на грчкото малцинство во Албанија, предизвика реакции кај политичките партии и функционери на различни институции во Албанија, но и во Грција.

Во меѓувреме, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на посетата во предизборната кампања на предградијата во Атина, рече дека европските перспективи на Албанија целосно зависат од почитувањето на правата на нејзиното етничко грчко малцинство во земјата.

Општите избори во Грција ќе се одржат на 21 мај.

TRT Balkan / агенции
Популарни