Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека Владата на Косово има право да ги спроведува договорите со практикување на територијалниот суверенитет.
Премиерот Рама на заедничката прес-конференција со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, кој е во официјална посета на Албанија во рамки на посетата на регионот, ги коментираше синоќешните случувања на северот на Косово.
„Дискутиравме, особено во контекст на ситуацијата што доцна синоќа имаше целосно неразумна ескалација бидејќи Владата на Косово има не само право, туку и должност, да ги спроведе договорите со остварување на територијалниот суверенитет, кој потекнува од независноста при водењето на државата“, рече Рама.
„Ги повикувам властите во Белград, претседателот на Србија, да не им даваат никаков изговор или алиби на одредени групи на северот на Косово, кои поради свои причини се противат на спроведувањето на договорот кој не само што мора да се спроведе, туку е и вредно да се спроведе за да се даде поголем кредибилитет на дијалогот меѓу Србија и Косово“, изјави Рама.
Косовската полиција потврди дека вчера по блокирањето на патиштата на северот на Митровица, во четири случаи имало истрели кон полициските единици.
На полноќ започна примената за издавање влезно-излезен документ за лица кои влегуваат во Косово со српски лични карти, на сите премини освен Јариње и Брњак на северот на Косово.
Косовската полиција вчера (недела) ги затвори граничните премини кон Србија, откако локалните Срби ги блокираа патиштата пред почетокот на спроведувањето на реципрочните мерки од страна на Владата на Косово.