Рама одделно се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца / Фото: AA

Владите на Косово и Албанија вчера потпишаа 13 договори, меморандуми за соработка и декларации, без заеднички состанок меѓу двете влади откако албанскиот премиер Еди Рама го откажа состанокот поради ситуацијата на северот на Косово.

„Во изминатите две години се одржаа две средби на владите на кои се потпишани 41 владини, меѓуресорски и меѓуинституционален договор. Овој пат, и без состанок на двете влади, потпишани се 13 договори што опфаќаат соработка во различни области, од безбедност и правда до образование и култура“, се наведува во соопштението.

Истакнато е дека е потпишан договор за меѓусебно признавање на адвокатската професија и посредниците, склучен е и договор за олеснување на постапките за контрола на производите од неживотинско потекло.

Покрај тоа, министрите за внатрешни работи потпишаа декларација за намери, во која заеднички се обврзуваат на интензивирање на соработката во областа на безбедноста, главно со фокус на олеснувањето на прекуграничниот сообраќај и унапредувањето на размената на информации преку системите за управување со безбедноста на границите, унапредувањето на заедничкиот центар за интегрирано управување со границата, како и унапредувањето на соработката во спречувањето и борбата против криминалот.

Билатералните договори се потпишани во Тирана во пресрет на доаѓањето на Рама во посета на Косово, но до средба меѓу Рама и косовскиот премиер Албин Курти, сепак, не дојде.

Рама се сретна со Османи и Коњуфца

Рама одделно се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца.

На средбата со Османи, освен за Самитот за Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во Тирана во октомври оваа година, станало збор и за Самитот на НАТО во Вилнус во јули, за актуелната безбедносна ситуација во Косово и во регионот по неодамнешните случувања во северниот дел на земјата.

Коњуфца, пак, по состанокот со Рама, изјави дека наскоро и Куртиќе се состане со Рама.

„Би го употребил изразот повреден, кога некој е повреден. Разочарани сме од откажувањето на состанокот на двете влади, но не толку разочарани за воопшто да не го пречекаме господин Рама бидејќи мислам дека секогаш нештата ги гледаме од позиција на интерес на нашиот народ. Се разбира, наскоро ќе се поправи тоа, мислам дека наскоро тие ќе се сретнат, доколку тоа не се случи вечерва“, нагласи Коњуфца.

Тој оцени дека Република Косово секогаш правела џиновски чекори кон својата цел, во секој момент, сѐ додека Република Албанија стоела покрај неа. Коњуфца рече дека имало многу малку ситуации кога Албанија била против изборот на Косово.

„Република Албанија официјално беше на страната на опцијата за територијална размена со Србија и мислам дека тоа му наштети на Косово. Сметам дека ѝ наштети и на идејата Отворен Балкан бидејќи ова е поинакво од она што му е потребно на Косово. И сега е третпат кога ние имаме право, а Република Албанија не нѐ разбира. Од овие позиции, Косово само може да биде оштетено“, нагласи Коњуфца.

AA
Популарни