Рама негира: Лажна вест се наводите за примање жители од Газа во Албанија / Photo: AA

Албанскиот премиер Еди Рама денес ги негираше израелските медиумски вести во кои се тврди дека неговата Влада разговарала со американската администрација за можноста да прифати до 100.000 Палестинци од Газа.

„Долго време не сум слушнал нешто толку невистинито - а во последно време имаше многу лажни вести! Ова е апсолутно невистинито“, објави Рама на социјалната мрежа Х.

Рама изрази целосна почит и солидарност со народот на Газа, кој е дехуманизиран и доживува ужасна војна во втората година од геноцидот во Газа, но исто така истакна дека од Албанија никој не побарал да прифати бегалци ниту, пак, би можела да преземе таква одговорност.

Премиерот ги нагласи „силните пријателства“ на Албанија со Израел, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар, Кувајт и „палестинскиот народ, чија држава Албанија ја призна уште многу одамна“.

Тој истакна дека Албанија е европска земја, не е лоцирана на Блискиот Исток и не може да направи повеќе отколку другите европски држави во овој контекст.

„Сепак, ние се надеваме и се молиме палестинскиот народ да добие можност да живее во сопствена држава, како слободни луѓе под демократско владеење“, заклучи тој.

Претходно израелските медиуми објавија дека Израел го смета како нереален предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп палестински бегалци да бидат прифатени од Јордан и Египет, што го поттикнало Вашингтон да истражи други опции, вклучително и Албанија, во услови на зголемен меѓународен притисок за решавање на хуманитарната криза во Газа.

AA
Популарни
Оваа страница користи колачиња. Продолжувајќи да ја пребарувате страницата, се согласувате со употреба на колачиња.Политика за колачиња
Прифати