Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека е важно иницијативата „Отворен Балкан“ да не ги собере само земјите од регионот, туку и другите земји како Грција, Туркије, Унгарија и Италија, и дека оваа иницијатива не треба да бара оправдување за своето постоење, бидејќи ќе ја разберат само оние кои имаат визија и сакаат добро за иднината.
Рама на Самитот, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ изјави дека дошол денот кога сè повеќе земји сакаат да бидат поканети на конференцијата на иницијативата „Отворен Балкан“, што е знак дека Балканот е исто толку важен за Европа колку што е и Европа важна за Балканот.
Тој посочи дека Туркије е незаменлив стратешки партнер за Албанија и сојузник на позитивните процеси во регионот.
Рама рече дека да не е „Отворен Балкан“ не би било можно да се потпише договорот за безбедност на прехранбените производи, да се обединат силите на земјите за сите неопходни чекори за енергетска безбедност во време кога тоа стана драматичен проблем на светско ниво.
Тој додаде дека без „Отворен Балкан“ е невозможно да се замисли дека Албанија, Србија и Северна Македонија ќе имаат нови оперативни капацитети за вонредни ситуации, додавајќи дека заедно ги градат и заедно се движат кон иднината.
Рама нагласи дека е доволно да се погледнат само последните седум месеци за да се види колку е зголемена трговската размена на трите земји и додаде дека тоа е доволно за да се разбере колку време изгубиле и колку е голем потенцијалот што сè уште постои.
„Бројките пред нас се смешни какви што не треба да бидат, но се многу поголеми отколку што беа порано“, оцени Рама, и додаде:
„Иницијативата „Отворен Балкан“ повеќе не треба да бара оправдување за своето постоење, веќе нема потреба да објаснуваме зошто ја покренавме, таа говори сама за себе. Оние кои сакаат да слушнат можат да слушнат, оние кои сакаат да видат можат да видат, оние кои имаат визија и сакаат добро за иднината, ќе нè разберат.“
Тој додаде дека повикот за приклучување кон иницијативата ќе биде испратен и до другите партнери и дека земјите од Европската Унија не треба да бидат љубоморни на нив.
„Многу е важно со нас да е и амбасадорот на Соединетите Американски Држави, кој ќе биде на секој самит, а тоа значи дека сме сигурни дека нема да има недоразбирања“, заклучи Рама.
Во Белград денеска се одржува Самитот на лидерите на „Отворен Балкан“, на кој, покрај членовите на иницијативата, Србија, Северна Македонија и Албанија, присуствуваат и претставници на Туркије, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Унгарија.