Кибер нападите кои се извршени врз интернет страниците на Владата на Албанија кон почетокот на неделата не ги организирале обични хакери, туку една држава, изјави албанскиот премиер Еди Рама.
Албанската Национална агенција за информатичко општество (AKSHI) соопшти во понеделникот дека сите јавни интернет услуги и владини интернет страници се затворени по синхронизиран кибер напад надвор од земјата.
Албанскиот премиер на денешната прес-конференција изјави дека нападот претставува „масовна кибер агресија врз Албанија“, и додаде дека јавните интернет услуги повторно се во функција.
Тој изјави дека тимот на AKSHI работи деноноќно на решавање на проблемите и додаде дека по повод на нападот ќе одржи посебна прес-конференција.
„Она што сакам да го истакнам е дека како прво, ова не е напад кој го организираат обичните хакери, ниту групи на луѓе на овој мрачен свет кои таквите потфати често ги изведуваат против многу поголеми и многу помоќни држави… Ова е организирана агресија на една држава. Се уште ги немаме сите докази да утврдиме која е од тие две држави за кои постои голем сомнеж. Се надевам дека тоа ќе го направиме наскоро, бидејќи тоа е најделикатниот дел од истрагата“, рече Рама.