Предметниот јавен обвинител, се додава во соопштението, денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 18 лица / Photo: Јавно обвинителство на РСМ

Разбиена е мафијашката група „Беланоца- Барон“ одговорна за најмалку осум убиства во изминативе четири години, како и за палење објекти и возила, изнуда и други кривични дела, информирааше Јавното обвинителство и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Неколкумесечната предистражна постапка што ја спроведуваше јавен обвинител со Истражниот центар од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и МВР, вчеравечер резултираше со акција во која е разбиена криминална група, а која беше спроведена заедно со полициски службеници од МВР на подрачјето на општините Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Бутел и Студеничани.

По барање на јавниот обвинител, а врз основа на Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје до утринава се извршени претреси на 30 локации и притоа се пронајдени поголем износ на пари, злато, огнено оружје и други предмети, а од слобода се лишени четири лица, додека едно лице само се пријавило во полициска станица. Единиците на МВР и на армијата на РСМ сè уште постапуваат на неколку локации во насока на пронаоѓање на доказен материјал и предмети што ќе помогнат во расветлување на случајот“, соопшти Јавното обвинителство.

Предметниот јавен обвинител, се додава во соопштението, денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 18 лица.

„За 14 лица постои основано сомневање дека како нарачатели, помагачи или директни извршители сториле кривични дела убиство. Од нив, 12 лица се осомничени и за кривичното дело злосторничко здружување, додека петмина и за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Останатите 4 лица се товарат за кривичното дело изнуда“, соопшти ЈО.

Првоосомничениот, како што информира Обвинителството веќе е во затвор, за друго дело.

„Првоосомничениот, кој во моментов е на издржување на казна затвор, заедно со уште 4 лица, од кои 2 се во притвор, со уште едно лице, кое е лишено од слобода, и со уште едно лице, кое сега е починато, создале група со цел извршување на кривично дело убиство. Припадници на групата станале останатите осомничени, други неидентификувани лица и сега починати лица. Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата, плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство. Па така, во име на поддршка на радикалното движење во РСМ или заради безобзирна одмазда кон лица од спротивставена криминална група, во периодот од 2020 до 2024 година, во 6 кривично правни настани лишиле од живот 8 лица, 3 лица биле тешко повредени, а на 3 лица животот им бил во опасност“, се вели во соопштението на ЈО.

Прибраниот доказен материјал упатува и на кривично правен настан од 2016 година кога првоосомничениот заедно со уште две лица извршиле убиство во с. Сингелиќ.

Оваа група од почетокот на 2023 година до октомври 2024 година дејствувајќи според поделени улоги со намера да прибават значителна имотна корист во повеќе наврати извршила и кривично дело Изнуда. Искористувајќи исти прилики дел од членовите на групата преземале повеќе дејствија и на особено насилен начин и сериозна закана, како и со опожарување на повеќе објекти на територија на Град Скопје изнудувале парични средства на месечно ниво, но барале и исплата на поголеми парични износи еднократно.

Од прибраниот доказен материјал произлезе дека еден од организаторите на групата кој е на издржување на казна затвор во период од јуни 2022 година до април 2023 година со умисла поттикнал на извршување на кривично дело Тешки дела против општата сигурност, бидејќи од страна на полициски службеници бил оневозможен да извршува кривични дела поврзани со лихварство и продажба на дрога во затворот. Па така, во три наврати поттикнал лица кои опожариле три возила на полициски службеници предизвикувајќи штета од поголеми размери.


TRT Balkan
Популарни