Демографските статистики за староста на населението се важни од многу аспекти

Подобрувањето на здравствената заштита, подобрата исхрана, условите за живот и многу други фактори се причина за зголемување на процентот на лица постари од 65 години во речиси сите држави во светот. Накусо речено, светот старее, но старее и населението во регионот на Западен Балкан.

Иако гледано глобално само нешто помалку од една десетина од светската популација се луѓе постари од 65 години, сепак во голем број земји, овој процент е далеку поголем и достигнува и над една третина од жителите во една земја. Демографските статистики за староста на населението се важни од многу аспекти- од организирање и планирање на пензиските фондови, градење институции за грижа на лица, болничко лекување итн.

Во продолжение ТРТ Балкан ви дава преглед на тоа колкав е процентот на постаро население во светот, во Европската Унија и во регионот на Балканот.

Податоци за регионот од различни извори

Во однос на процентот на жители постари од 65+ во регионот на Западен Балкан, глобалната статистичка организација Статиста има податоци за Србија, Црна Гора и Северна Македонија, но нема за Косово, Албанија и за Босна и Херцеговина па за нив мора да се бараат податоци од други извори.

Според Статиста, најголем процент на старо население во Западен Балкан има Србија со 21,3 отсто од населението со над 65 години. Црна Гора има 15,9 отсто од вкупното население кое е постаро од 65 години, а според податоците на Статиста за Северна Македонија , 14,8 отсто од населението е постаро од 65 години.

Сепак, ако се анализираат новите статистички податоци добиени од минатогодишниот попис, а објавени годинава се доаѓа до податокот дека населението „остарело“ и сега има 17,1 отсто жители кои се постари од 65 години.

Според статистичката организација Кноема, Албанија има 15,2 отсто од населението кое е над 65 години, а Босна и Херцеговина има 18,5 отсто, што значи дека, ако се точни податоците тогаш се наоѓа веднаш зад Србија во однос на процентот на постаро население.

Според трет извор пак, Косово има најмладо население во регионот. Според Индекс Мунди, Косово има само 7,75 отсто од населението кое е постаро од 65 години.

Јапонија има 86.000 луѓе над 100 години

Во однос на поголемите земји, Јапонија отсекогаш била во првите редови во однос на уделот на жители на возраст од 65 или повеќе години. Верувале или не, во земјата има повеќе од 86.000 стогодишници. Во Јапонија иако 29,8 отсто од луѓето или речиси една третина се постари, сепак островската земја не е на првото место.

Монако има над 36 отсто од населението кое е постаро од 65 години и со тоа го зазема првото место во светот по удел на постари жители како процент на вкупното население.

Во ЕУ најстаро население има Италија

Во рамки на Европската Унија најголем процент на старо население има Италија и тоа 23,5 отсто од населението. Следна е Финска со 22,7 отсто, а потоа Грција со 22,5 отсто.

Вкупно 16 држави на европско тло имаат над 20 отсто постаро население.

Од земјите во Европа Луксембург (14,6 отсто) и Туркије (9,7 отсто) регистрирале најмал процент на стари лица.

Според проекциите на Светската здравствена организација, до 2050 година, земјите со низок и среден приход ќе бидат дом на 80 отсто од постарата популација во светот. За да се подигне свеста за оваа тема, Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи временската рамка помеѓу 2021 и 2030 година за „Декада на здраво стареење“.

Иницијативата има за цел „да ги намали здравствените нееднаквости и да го подобри животот на постарите луѓе, нивните семејства и заедници преку колективна акција“.

TRT Balkan
Популарни