Самоубиствата се меѓу првите 20 причини за смрт, за сите возрасти во светот.

Психички растројства, болест, депресии, злоупотреба на дроги и алкохол и трауми се само дел од причините луѓето да посегнат по својот живот. Самоубиствата се меѓу првите 20 причини за смрт, за сите возрасти во светот. Секоја година помеѓу 700.000 и 800.000 луѓе умираат поради самоубиство, покажува статистиката на Светската здравствена организација (СЗО). Ова грубо одговара на едно самоубиство на секои 40 секунди.

Самоубиството во некои земји е меѓу трите причини за смрт кај лицата на возраст од 15-44 години и втора водечка причина за смртта во возрасната група од 10-24 години.

Овој чин на намерно предизвикување смрт е проблем насекаде низ светот без разлика на нација, култура, религија, пол или раса.

Но, колку е евидентна оваа негативна појава во балканските земји, покажуваат статистиките на Светската здравствена организација (СЗО) за 2022 година. ТРТ Балкан во продолжение ви ја прикажува стапката на самоубиства на 100.000 жители во регионот.

Црна Гора со највисока стапка на самоубиства во регионот

Стапката на самоубиства на 100.000 жители во регионот Others

Врз основа на статистиката на СЗО, најлоша е состојбата во Црна Гора. Вкупно 21 лице извршило самоубиство на секои 100.000 жители во Црна Гора. Најголем број, односно 75 отсто од оние кои си го одзеле животот се мажи.

Хрватска второрангирана

Во Хрватска 16,4 од секои 100.000 жители одлучиле да стават крај на својот живот со самоубиство. Исто така, во Хрватска 75% од самоубиствата се предизвикани од мажи.

Србија и БиХ со речиси идентични бројки

Самоубиствата се проблем и во Србија каде 11,4 од 100.000 жители се самоубиле. Во оваа земја, 72 отсто од оние кои посегнале по својот живот се мажи, а 28 отсто жени.

Босна и Херцеговина има речиси исти бројки како Србија, каде што 10,9 самоубиства се извршуваат на 100.000 жители, од кои 80 отсто од сторителите се мажи, а 20 отсто жени.

Северна Македонија претпоследна во регионот

Во Северна Македонија, според статистиката на СЗО, 9,4 лица на 100.000 жители извршиле самоубиство. Слично како и во другите земји од регионот, 74 отсто од оние кои се самоубиле се мажи, а 26 отсто се жени.

Албанија со најголем процент на жени што извршиле самоубиство

Процент на самоубиства по пол Others

Албанија има значително помал број на самоубиства од земјите во регионот. Во земјата има 4,3 самоубиства на 100.000 жители. Сепак статистиката покажува дека Албанија има малку поголем процент на жени кои извршиле самоубиства- 32 отсто, наспроти 68 отсто самоубиства извршени од мажи.

Главните фактори кои водат до самоубиство

Според скопскиот Центар за јавно здравје водечки причини за самоубиство се душевните растројства.

„Примарно депресијата и растројствата од злоупотреба на алкохол, насилството, загубите во текот на животот, културната и социјалната позадина, претставуваат важен ризик фактор за самоубиство. Првите се важен ризик фактор за самоубиство во Европа и Северна Америка, додека во Азиските земји импулсивноста игра важна улога. Самоубиството е комплексно и вклучува психолошки, социјални, биолошки, културни и други фактори на средината“, велат од Центарот за јавно здравје во Скопје.

Транзицијата меѓу причините за самоубиство

Во однос на пониските бројки на самоубиства во Албанија, социологот од Скопје, Али Пајазити, за ТРТ Балкан вели дека самоубиствата претставуваат патолошка појава која има врска со претходна турбулентна состојба на личноста, со внатрешно згмечување и консумирање на поединецот што се рефлектира во фатална одлука.

„Овие бројки покажуваат дека кај Албанците оваа појава е помалку распространета бидејќи албанската култура не ја препознала до пред три децении. Процесот на транзиција кон либерална демократија и пазарната економија ја направија присутна и кај најконзервативното население на Балканот, Албанците, но поретко во споредба со другите народи како што се словенските народи“, вели Пајазити.

Понатаму, тој додава дека додека Србите, Хрватите, Бошњаците и Црногорците и порано живееле во просперитет, некои од нив доживеале очај за време на транзицијата и тоа ги направило дефетисти.

“Од друга страна, Албанците беа инфериорни и второстепени во Југославија, а ужасно лошо живееја во Албанија за време на комунизмот, а денес имаат економски напредок и квалитетен живот“, нагласува Пајазити.

Традицијата и подобрената благосостојба, според него, имаат влијание врз најниската статистика за самоубиства кај Албанците, но и тие не се имуни, па во повоено Косово и во Албанија во последните години има бројни случаи на самоубиства.

TRT Balkan
Популарни