Главниот град на Босна и Херцеговина повторно има најзагаден воздух во светот со индекс на квалитет на воздухот 410.
Веб-страницата Ајкју Ер (IQAir), која го следи индексот на загаденост во светот, утринава објави листа на градови со најзагаден воздух и Сараево се најде на прво место со воздух во категорија опасно по здравје.
Следува Дака, главниот град на Бангладеш, со индекс на квалитет на воздухот 261, а слични индекси има и во индиска Калкута и виетнамски Ханој.
Од градовите во регионот, Приштина се наоѓа на 15. место со индекс 161, а Скопје на 19. со индекс 153. Белград се наоѓа на 44. место со индекс 85 и Загреб на 70. место со индекс 66.
Владата на Кантонот Сараево му препорача на населението да ги намали престојот и физичките активности на отворено.
Проблемот со загадениот воздух во главниот град на Босна и Херцеговина се зголемува од година во година. Експертите предупредуваат на неопходност од итни дејства за да се избегне катастрофата од големиот смог.
Податоците на Светската банка покажуваат дека како резултат на загадениот воздух во Босна и Херцеговина во просек умираат 3.300 луѓе на рана возраст.