СБ: Економската состојба на Балканот е под влијание на војната во Украина    

Економската состојба во сите шест економии на Западен Балкан и понатаму е под влијание на тековната војна во Украина и наглото зголемување на цените на енергијата, како и забавување на глобалниот раст, се вели во најновиот Редовен економски извештај за Западен Балкан подготвен од страна на Светската банка.

Според извештајот, овие кризи создаваат силни предизвици за регионот, и покрај очекуваниот раст од почетокот на годината.

Како што се наведува во овој извештај, во првата половина на 2022 година, економскиот раст, предводен од приватната потрошувачка и инвестициите, се покажа робустен, надминувајќи ги очекувањата.

„Нивото на вработеност достигна историски највисоко ниво во неколку земји до средината на 2022 година, додека стапката на вработеност во регионот сега е во просек 46 проценти, што е зголемување од 3 процентни поени во однос на средината на 2021 година“, се додава.

Сепак, според извештајот, динамиката на раст сега започнува да забавува, во пресрет на сè поголемите предизвици.

Инфлацијата руши рекорди

Се истакнува дека повисоките цени на енергијата и храната ја турнаа инфлацијата на ниво незабележано со години, намалувајќи ја куповната моќ и деловната доверба, додека закрепнувањето на пазарот на трудот почна да забавува, со послаба вработеност во услови на висока инфлација и зголемена неизвесност.

„Иако растот во првата половина на 2022 година се покажа како релативно робустен, јасно е дека регионот сега се движи кон нова бура“, истакна Сања Маџаревиќ-Сујстер, виш економист на Светската банка и главен автор на извештајот.

„Комбинацијата од шокови силно ја обременува перспективата на регионот. Затегнатите глобални услови за финансирање, забавувањето, како на домашната, така и на надворешната побарувачка, како и намалувањето на довербата на фирмите и потрошувачите секако ќе се одразат на финансискиот сектор во регионот“, додаде таа.

„Погодена од војната во Украина и енергетската криза, Северна Македонија се соочува со највисока инфлација досега, со што несразмерно се намалуваат реалните приходи на сиромашните. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите домаќинства и фирми. Во исто време, затегнувањето на монетарната политика треба да постигне рамнотежа помеѓу сузбивање на инфлацијата и избегнување на забавената економска активност“, се додава во извештајот.

„Поддршката на Владата за енергетски ранливите групи е важен чекор во вистинска насока, но мерките треба да бидат насочени и временски ограничени за да се минимизираат фискалните ризици“, нагласи Масимилијано Паолучи, директор на Светската банка за Северна Македонија и Косово.

„Во исто време, фокусот треба да продолжи да биде на долго одложуваните структурни реформи за да се поттикне растот и да се отворат нови работни места“, нагласи тој.

Структурни реформи за раст

Според извештајот, таквите реформи вклучуваат мерки за зголемување на нивото на пазарна конкуренција, отстранување на бариерите за влез на бизнисите, подобрување на задржувањето и реинвестирањето кај странските инвеститори, намалување на бариерите за учество на женската работна сила, подобрување на квалитетот на образованието и подигнување на стандардите за управување, вклучувајќи ја и дигитализацијата.

Важност од забрзана зелена транзиција

Тековната криза, исто така, ја истакнува важноста од забрзана зелена транзиција во регионот, подалеку од волатилните јаглеводороди кон почисто производство на електрична енергија, како и поеколошки модели на производство и потрошувачка, се наведува во извештајот.

„По растот на БДП од 4 проценти во 2021 година, растот на домашната економија се зголеми за 2,6 проценти во првата половина на 2022 година, поттикнат од продолженото закрепнување на инвестициите и силната потрошувачка. Растот на номиналната нето-плата во просек изнесуваше 9 проценти до јуни 2022 година, но домашната инфлација го надмина растот на платите, така што реалната нето-плата стана негативна. Вкупната инфлација го надмина повеќедеценискиот врв, при што сите компоненти (храната, енергијата и базичната инфлација) придонесоа за растот“, се додава во извештајот на Светската банка.

TRT Balkan / агенции
Популарни