Советот за национална безбедност на Република Туркије ја истакна важноста на поддршката што земјата му ја дава на Балканот во екот на преговорите и дијалогот што се води за да се спречи тензијата на Косово да прерасне во поголема криза.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претседаваше со синоќешната седница на Советот за национална безбедност на Туркије во Претседателската палата во Анкара, а по седницата беше објавено соопштение во кое се наведува дека е констатирано оти предизвиците со кои се соочи земјата во минатиот век ја изостри вербата на народот во демократијата и неговата определба во борбата за независност и иднина, што дополнително ги зацврсти темелите на државата.
Во соопштението се нагласува дека чекорите за обезбедување на безбедноста, мирот и благосостојбата на Туркије ќе продолжат да се преземаат со иста одлучност и во новата ера, која е почеток на визијата на „Векот на Туркије“.
Понатаму, се наведува дека Советот бил информиран за операциите кои одлучно и успешно се спроведени во земјата и во странство против секакви закани и опасности, вклучително и операциите против терористичките организации ПКК-КЏК-ПЈД/ЈПГ, ФЕТО и ДАЕШ.
„Зачувувањето на територијалниот интегритет на Сирија и воспоставувањето постојан мир и стабилност ќе биде можно само со нејзино чистење од терористички организации. Ја нагласуваме важноста на меѓународната соработка, која ќе придонесе за напорите да им се овозможи на Сиријците кои побегнаа од конфликтот да се вратат доброволно, безбедно и чесно и да воспостават живот во мир и благосостојба“, се наведува во соопштението на Советот за безбедност на Туркије.
Беше укажано на важноста на поддршката на Туркије на Балканот со продолжување на процесот на дијалог и консултации за да се спречат растечките тензии во Косово да прераснат во криза која може да ја наруши чувствителната рамнотежа во регионот.
На состанокот се разгледани и ефектите од војата помеѓу Русија и Украина кои ги зголемуваат ризиците за регионот.
„Констатирано е дека Туркије ќе продолжи да придонесува во напорите за ставање крај на конфликтите и иницирање мировни преговори и обезбедување на глобална безбедност на храната. Беше изразено задоволство од постигнатиот напредок во процесот на дијалог меѓу Азербејџан и Ерменија и дека праведното решение ќе биде основа за воспоставување траен мир на Кавказот. Исто така, беше посочено дека тоа ќе даде значителен придонес за глобалната стабилност“, се вели во соопштението.
Од страните во конфликтот во Судан е побарано што поскоро да прогласат траен прекин на огнот, со цел да се заштитат достигнувањата на процесот на транзиција и да се решат проблемите преку помирување. Беше изразена подготвеноста на Туркије да продолжи да дава секаков вид поддршка на сите напори за обезбедување мир и стабилност во Судан.