Се реализираше примопредавањето на премиерската функција /     Фото: Прес-служба на Владата на РСМ

Во Владата на Република Северна Македонија, досегашниот претседател на Владата, Талат Џафери, ја предаде премиерската функција на новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски.

По пристигнувањето, премиерите имаа кратка средба во премиерскиот кабинет.

Досегашниот премиер, Џафери, му го честиташе стапувањето на премиерската должност на новоизбраниот претседател на Владата, Мицкоски, пришто му посака успешна и ефикасна работа, во интерес на сите граѓани на државата.

„Констатирано беше дека преодната Влада и државните институции успешно одговорија на должноста за организирање слободни, фер и демократски изборни процеси и овозможија мирно и демократско примопредавање на власта. Ова се оцени како придонес во европското поведение на државата, којашто цели кон полноправно членство во Европската Унија“, се вели во соопштението на Владата.

Се додава дека досегашниот премиер Џафери, посочи дека на државата, како и досега, и понатаму ѝ се потребни квалитетни реформи, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните според европските демократски стандарди и вредности. Изразена е и надеж за високо ниво на политичка свест и соработка околу стратешките приоритети.

Македонското Собрание синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Левица, а Европскит фронт предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

Во новата влада има вкупно 20 министерства, а Владата брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

TRT Balkan
Популарни