Скопје се сеќава: 60 години од катастрофалниот земјотрес / Photo: AA Archive

На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје беше разурнато од земјотрес со интензитет од 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала, со траење од 20 секунди, а помали потреси се чувствувале до пет часот и 43 минути.

Загинати 1.070 Скопјани, повредени над 4.000

Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1.070 Скопјани, од кои 162 биле деца, а биле повредени над 4.000. Музејот на Град Скопје: Симбол на големиот земјотрес

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски.

Музејот на Град Скопје ги чува спомените од земјотресот AA Archive

Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути.

Скопје: Град на солидарноста

Според кажувањата на скопјани, првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот, започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет.

Печатените медиуми во регионот и во светот известуваа за земјотресот во Скопје во 1963 година AA Archive

Вкупно 87 нации од светот испратиле помош во Скопје и помогнале градот да се изгради повторно. Тоа е причината поради која градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

„Скопје повторно ќе го изградиме“

Ден по земјотресот, претседателот на Социјалистичката Федеративна Република Југославија, Јосип Броз-Тито, изјавил: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тој ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

„Скопје повторно ќе го изградиме“ AA Archive

Оваа изјава на Тито и денес стои закачена на Старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на Скопје по земјотресот.

Евакуација на децата од Скопје

Во Скопскиот земјотрес во 1963 година загинале 162 деца. По земјотресот во Скопје околу 30 илјади деца биле евакуирани со тоа што биле испратени ширум Југославија.

Животот по земјотресот во Скопје се одвивал главно во шаторски населби каде и Поштата бргу се приспособила кон настанатата ситуација и во шаторските населби отворила свои пунктови. Во градот се организирале четири пошти, под шатори.

Поштарите прво ја носеле поштата на означените адреси, а ако пред куќите не биле оние за кои била наменета поштата, писмата ги носеле во шаторските населби, или во своите пунктови каде што граѓаните доаѓале и ги подигале своите писма и пратки.

Поштарите пешачеле 18 километри

Доставата на поштенските пратки, особено во оддалечените подрачја се вршела со бројни тешкотии. Поштарите секојдневно поминувале десетици километри. Според евиденцијата од овој период, секојдневно пешачеле по околу 18 километри.

Зграда на старата Пошта 2 по земјотресот кој го погоди Скопје во 1963 година Others

Во планот за изградба на Скопје се планирале градски и приградски населби и било задолжително во новите населби да има пошти, здравни установи, основни училишта, како и објекти за општествена активност и културно-забавен живот.

Сите поштенски објекти кои биле разурнати за време на скопскиот земјотрес биле заменети со времени објекти – бараки во 1964-65 година.

Првата импровизирана пошта, телеграф и телефон, почнала да работи веќе на 27 јули 1963 година.

Во овој период биле поставени 1.544 поштенски ковчежиња. Во просек по едно поштенско сандаче на секои 17 квадратни километри, односно на секои 1.047 жители.

Една деценија по земјотресот зградата на Пошта 2 која се наоѓала до старата железничка станица е возобновена на нова локација; во рамките на новата Железничка станица се наоѓа и новата Пошта 2 според планот на Кензо Танге.

TRT Balkan
Популарни